Што ќе значи за Македонија враќањето на Евровизија во 2027?


Враќањето на Македонија на Евровизија во 2027  е навистина значајна работа – особено затоа што последен пат настапивме во 2022  во Торино со Андреа Коевска со песната „Circles“ и не влеговме во финале. Македонија досега 19 пати настапила на Евросонг. Владо Јаневски влезе во историјата како прв претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија со “Не зори, зоро” на Копров. Директорот на МРТ, Зоран Ристовски, сега и во мај потврди дека Македонија планира да се врати на музичкиот настан.

Што значи тоа?

Повторно ќе имаме македонски претставник на најголемата европска музичка сцена. Тоа е прилика повторно да се промовира македонската музика и јазик пред огромна меѓународна публика. 

Може да даде нов импулс на домашната музичка сцена. Евровизија бара сериозна продукција, сценски настап, автори продуцети и маркетинг- што може да отвори простор за нови македонски имиња или потврда на докажаните имиња.

За МРТ е организациски предизвик. Македонија отсуствуваше поради финансиски и организациски причини, како и проблеми околу изборот за претставник. Сега раководството најавува поинаков пристап.Најавено е и дека ЕБУ би можел да помогне во промоцијата на македонските културни вредности и настапот на земјата. 

Тајмингот е интересен. Евровизија 20027 ќе биде во Бугарија откако Дара ја донесе првата победа на Бугарија во историјата на натпреварот. Тоа практично значи дека Македонија ќе настапува на Евровизија „во соседството“, што може да донесе и поголем интерес кај македонската публиката, се надеваме, не и политички провокации.

Не значи автоматски добар пласман. Македонија во 2019 со Тамара Тодевска  и„Proud“ на Димитров, Билбилов и Цветковски, го постигна најдобриот резултат досега- седмо место , а победи и кај жирито.

Најважното не е само што се враќаме, туку како ќе се вратиме. Ако МРТ избере силна песна, модерен тим и сериозно вложи во сценски настап, 2027 може да биде одлична можност за „ресет“ на македонската Евровизија.

Шансите за финале се солидни, но не загарантирани.Најголемата предност е што Македонија се враќа во година кога Евровизија ќе се одржи во Бугарија. Финалето е во мај, а Бургас е избран за домаќин.

Географската близина може да помогне – многу македонски фанови потенцијално ќе можат физички да одат на Евровизија и да дадат поддршка. Тоа значи и полесна логистика за македонската делегација.

Балканскиот интерес ќе биде огромен, иако не би се надевале на “на ти дај ми“ за гласањето со соседите, зашто конкуренцијата е  голема. 

И за скептиците кои мислат дека Евровизија го губи сјајот – таа се уште е огромен европски феномен. Годинава, финалето во Виена имаше околу 190 милиони гледачи, според ЕБУ. И не е само ТВ натпревар, и социјалните мрежи се огромен дел од феноменот. Прашањето за Македонија е дали МРТ ќе знае повторно да создаде интерес околу нашето учество. Ако Македонија испрати песна  што ќе стане хит на Тик-Ток или Јутјуб уште пред мај 2027, интересот дома може многу брзо да се врати.

Л. Сабит