Што ќе се смени во Отворениот Балкан?


Здравица на тројцата лидери за Отворениот Балкан

Главната цел на иницијативата  е да се создаде единствен пазар без граници за луѓето, капиталот и производите. „Поотворено од ‘Отворен Балкан’ здравје“, лапидарно ја оцени оваа иницијатива премиерот Зоран Заев

 

Споделена иднина – се зборовите со кои се објасни денес иницијативата „Отворен Балкан“. Но, што ќе содржи тој, оносно што се очекува да се смени – е најважното прашање, иако според изјавите на лидерите стана јасно дека многу работи треба да завршат администрациите на трите земји за идеите да станат реалност. 

Така, Рама, Заев и Вучиќ договорија заеднички да дејствуваат и да си помагаат при  природни непогоди, да ги отворат границите меѓусебно за да можат граѓаните да работат слободно во секоја од трите земји и да направат административни подготовки за да се обезбеди слободно движење на стоките –  со нула чекање на границите на 1 јануари 2023 година. Целта е да се создаде единствен пазар без граници за луѓето, капиталот и производите.

Коморите ќе помагаат бизнисмените да се откријат едни со други, министерствата во трите земји ќе ги усогласат софтверите и системите за ДДВ за да можат да поминуваат камионите со стоки без запирање и меѓусебно ќе се промовираат туристичките можности на секоја од трите земји. Тоа Еди Рама најдобро го опиша со критиките на скептиците дека со иницијативата Србија конечно „излегува на море“, мислејќи на безграничното патување до албанските плажи во Драч, Ксамил и слично. 

Се планира, исто така, да се формира Балканска филмска комисија за да се промовираат и развиваат талентите во регионот, да се организираат заеднички вински фестивали кои, според Вучиќ, нема да бидат најголеми во Европа но можат да бидат меѓу петте најголеми и заеднички да се организираат саеми на производи од регионот. Се планираат и регионални спортски натпревари, заеднички ќе се идентификуваат фондови што ќе бидат употребени за дигитална и зелена транзиција, во Македонија ќе биде поддржан фотоволтаичен проект што ќе ги снабдува трите земји со енергија, албанската хидроцентрала „Скавица“ ќе извезува обновлива енергија за сите три земји, ќе се работи на железничко поврзување од Драч преку Македонија до Бугарија, а Заев најави напори за железничко поврзување со брзата пруга од Будимпешта до Ниш и натаму до нашата граница…

Добар почеток: Еди Рама и Александар Вучиќ (Фото: Б. Грданоски)

Се најавува и меѓусебно признавање на дипломите и квалификациите, меѓусебни привилегии и попусти во рестораните, хотелите, на патарините и слични олеснувања кои ќе ги почувствуваат граѓаните за да сфатат колку е подобар животот кога се работи заеднички.   

Рама кажа дека иницијативата не е есклузивна туку инклузивна и дека можат да ѝ се приклучат и другите земји од регионот, а Вучиќ посочи дека албанскиот премиер е особено предмет на критика бидејќи се приклучил на иста иницијатива со Србија и ги повика властите во Косово да влезат, да не бараат изговори и, ако Косово се именува со ѕвездичка, на Србија нека ѝ стават квадрат, само нека учествуваат.

„Секој го избира својот пат. Да направевме ваква иницијатива со БиХ и со Црна Гора ќе нѐ обвинеа дека правиме Голема Србија. Вака никој не може да нѐ обвини ништо. Сите може да учествуваме, само да бидеме коректни и она што нѐ раздвојува да не биде најважно. Да не се користи иницијативата за решавање на нерешените отворени прашања“, ѝ порача тој на Приштина. 

„Поотворено од ‘Отворен Балкан’ здравје“, го дополни кратко премиерот Заев. Тој оцени дека и Источна, и Западна, и Ценрална Европа вака ќе нѐ ценат повеќе, па ја повика и Бугарија да се приклучи, иако е земја членка на ЕУ. 

„Ова не е прес-конференција за да се оствари за еден ден. Ова е комплексна иницијатива“, рече Вучиќ. Околу прашањето како ќе се справат со евентуални царински војни, тој рече дека не би го договарале сето ова ако мислат еден на друг да си прават проблеми, да наметнуваат царини, акцизи, порачувајќи дека таквото однесување е – реликт од 20 век.

„Без слободна економија не можеме да бидеме модерни и успешни земји, се надевам дека нашите администрации ќе можат да го следат тоа“, порача српскиот претседател, а Заев дополни дека целта е да има нула царини и нула бариери за 100 отсто од стоките и 100 отсто од услугите.

Рама сегашниот режим на движење и трговија во регионот го нарече тортура. (С.Ј.)