Што ќе се случи ако Меркел биде болна?


Канцеларката е во домашен карантин поради тоа што имала контакт со лекар инфциран со коронавирус, Меѓутоа, таа и натаму може да си ги извршува задачите. Доколку тоа се промени, се пристапува кон План Б. А, тој е рутина.

Ангела Меркел е во карантин! Но, без грижи, Германија поради тоа не е и без раководна рака. И, така ќе остане и во случај канцеларката и самата да е инфицирана со коронавирус. Во најдобар случај канцеларката би можела и натаму да ги извршува канцеларските обврски, доколку за такво нешто биде во состојба. Доколку Ангела Меркел сериозно се разболи, кабинетот и натаму ќе може да работи, зашто за вакви случаи на сцена стапува Планот Б.

Во членот 69 од Уставот стои: „Сојузниот канцелар назначува еден од сојузните министри за свој заменик.“ Тоа сега е министерот за финансии Олаф Шолц. Социјалдемократот ја заменува Меркел и кога таа е сосема здрава, но отсутна. Типични такви случаи се кога канцеларката е во странство или на одмор. Тогаш вицеканцеларот ги води, на пример, седниците на владата, кои по правило се одржуваат секоја среда.

„Вицеканцелар“ е неофицијален поим кого го нема во Уставот. Меѓутоа, тој е одомаќен во секојдневната употреба и со него се именува човекот кој е заменик на канцеларот. Ангела Меркел за свој заменик теоретски можеше да именува и некого од својата партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Или од баварската сестринска партија – Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Но, во пракса, вицеканцеларот (досега немало жена на оваа позиција) досега доаѓаше секогаш од пратеничката група која е втора по јачина во парламентот. Тоа во моментов е Социјалдемократската партија (СПД), чиј член е Олаф Шолц.

Deutschland Bundesfinanzminister Olaf Scholz (Imago-Images/photothek/J. Schmitz)Олаф Шолц би можел, доколку е неопходно, и подолго време да ја заменува канцеларката Ангела Меркел

Подолга замена на канцеларот се регулира со параграфот 8 од Деловникот на Сојузната влада. Таму се вели дека доколку канцеларот „е спречен да ги извршува задачите“, заменикот може да го застапува канцеларот „во вкупната сфера на делување“. Притоа, во случајов канцеларката Меркел, би требало „попрецизно да го одреди“ обемот на замена. (Дојче Веле)