Што ќе и соопшти Заев на македонската јавност?


Премиерот Зоран Заев денеска точно напладне на прес-конференција во Владата ќе им се обрати на граѓаните по негативната одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите со ЕУ.

Обраќањето на Заев следува по вчерашните целодневни консултации на најразлични нивоа. Политичката драма од Брисел практично се пресели во Скопје. И пред официјално да заврши самитот на ЕУ Заев се врати во земјава. Во текот на денот беше во телефонски консултации со дел и од европските лидери. Неофицијалните информации говореа дека Заев размислува за оставка, а тоа најпрво им го соопштил на партиските потпретседатели кои го убедувале да не се откажува. Информациите за негово повлекување се поврзуваа со неговите изјави дадени во неколку прилики дека ќе понесе политичка одговорност ако не добиеме датум за преговори. Кон крајот на работниот ден на „Илинденска“ пристигна и коалицискиот партнер Али Ахмети, кој му дал поддршка на Заев да остане на чело на Владата. Од ДУИ порачаа дека владата не е виновна за дебаклот во Брисел.

Оставка од Заев и предвремени избори вчера побараа и македонските и албанските опозициски партии.