Што ќе донесат Силва и Вархеи во дипломатската чанта?


Дали во игра се враќа германскиот предлог кој Екатерина Захариева го прифати во Берлин, но кога дојде во Софија се премисли

 

Министерот Бујар Османи денес избегна да даде детали околу предлогот што еврокомесарот Оливер Вархеи и португалскиот шеф на дипломатијата Аугусто Сантош Силва ќе го донесат утре во Софија, па во Скопје, за да ги одблокираат преговорите на Македонија со Унијата. Османи предлогот го престави како „идеи“, но затоа германската амбасадорка Анке Холштајн отиде подалеку и навести дека тој е ориентиран на преговорите што се одржаа минатата година во Берлин и на кои учествуваа Екатерина Захариева, Никола Димитров, Бујар Османи, Хајко Мас и Михаел Рот, а според некои информации се замешала директно и канцеларката Ангела Меркел.

Тој предлог заврши неславно откако Захариева го прифати во Берлин, но кога дојде во Софија се премисли.  Во предлогот, во кој вложи силни напори германското претседателство со ЕУ, се бараше решение на спорот кое нема да ги загрози позициите ниту на едната, ниту на другата страна, т.е. нешто помеѓу, што очигледно во пресрет на изборите не ѝ одговараше на владата на Бојко Борисов, која заигра на националистичка карта. Дали сега, кога околностите се сменија и се виде дека на оваа тема не се победува во Бугарија, предлогот повторно се враќа во игра? 

Според овој документ, Скопје се согласува да објави официјално пред земјите-членки на ЕУ и институциите дека краткиот облик на државното име – Северна Македонија – се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“. Потоа, дека Бугарија го задржува правото да приложи своја еднострана изјава на рамката за преговори, но не станува збор да се отвори ново поглавје во преговорите (35-то, како што посакуваше бугарскиот претседател Румен Радев). Потоа, дека Германија ќе му предложи на Советот на ЕУ да ја забележи позицијата на Софија што се однесува на македонскиот јазик, дека кога се споменува тој да биде во согласност со Уставот на РСМ, а Скопје од своја страна официјално да изјави дека јазикот е кодифициран во 1945 година. 

Особено внимание во овој предлог документ ѝ се посвети на работата на заедничката историска комисија. Германското претседателство бараше таа да ги објави резулатите до кои што стигнала, а Берлин  да помогне во нејзината работа со „со споделување на најдобрите практики за методите на работа“.

Ова се точките на предлогот што го објави познатиот автстриски новинар, Кристијан Вершуц од државата австриска телевизија ОРФ на својот Фејсбук профил:   

1. Бугарија, Македонија и Германското претседателство со ЕУ ја истакнуваат нивната заедничка посветеност на перспективата на ЕУ за Западен Балкан и на кредибилна политиката за проширување на ЕУ, како и за интензивирање на регионалната соработка, што сето тоа е клучно за стабилноста на регионот.

2. Во овој дух, Бугарија ја потврдува својата подготвеност да се согласи за рамката за преговори ЕУ – Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција во декември 2020 година за време на германското претседателство со Советот на Европската унија.

3. По повод првата меѓувладина конференција, МКД официјално ќе објави пред земјите-членки на ЕУ и институциите дека краткиот облик на нејзиното државно име – Северна Македонија – се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“.

4. Бугарија го задржува правото да биде приложена еднострана изјава кон рамката за преговори, да изјави дека кога се повикува на македонски јазик, го разбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Германското претседателството на ЕУ ќе побара од Советот официјално да ја забележи позицијата на Бугарија дека кога се однесува на македонскиот јазик, тоа треба да се разгледа во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. МКД е подготвена официјално да објави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.

5. Бугарија и Македонија ја потврдуваат нивната подготвеност да ја интензивираат нивната блиска билатерална соработка врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со посебен фокус на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, што треба да биде интензивирана и направена потранспарентна, вклучително и со објавување на постигнатите резултати. Германското претседателство изјавува подготвеност да ја поддржи работата на Комисијата со споделување на најдобрите практики за методите на работа.

6. БГР и МКД официјално ќе го потврдат членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, вклучително и прашањата за малцинството и повторно ќе се обврзат да преземат ефикасни мерки за спречување на пропаганда со лоша намера од страна на институциите и агенциите и да ги обесхрабри активностите на приватните субјекти за поттикнување насилство, омраза и други слични активности што можат да бидат штетни за нивните односи.

7. Бугарија, Македонија и Германското претседателство ја нагласуваат важноста на поврзаноста и инфраструктурата, особено железничката и патната врска што треба да оди од Драч преку Скопје до Софија и Варна. Тие ќе поддржат приоритетизирање на Коридорот VIII во рамките на Економскиот и инвестициски план на Комисијата на ЕУ за Западен Балкан.

8. Бугарија и Македонија се согласуваат за важноста за поттикнување на добрососедските односи на сите нивоа, вклучително и преку размена на млади, и размислуваат да започнат заеднички проект за размена на млади, додека заеднички ќе ги испитаат понатамошните можни области за соработка за поттикнување на меѓусебното разбирање и интензивирање на билатералните контакти, вклучително и проекти за размена на медиуми и збратимување на градови.

Неофицијално, има информација исто така дека напорите на португалското претседателство се на линија на тоа што се обидуваше Штефан Филе како еврокомесар кога сакаше да издејствува одлука за преговори со Македонија заобиколувајќи го грчкото вето. Тогаш Филе излезе со предлог спорот за името меѓу двете земји да се решава во раната фаза на преговорите за членство, а Македонија да се обврзе на тоа за да добие одлука за преговори претходно. Таквиот предлог беше проследен со зголемен, но избалансиран притисок и врз Македонија, и врз Грција.

Изјавата на Вархеи дека е можно одделување на Македонија од Албанија при носењето на одлуката е практично на таа линија, да се заплаши нашата земја, додека барањата да не се прави тоа од други земји членки е притисок врз Софија – која добива порака дека со одлуката ќе блокира не една, туку две земји кандидати.

Дипломатските турнеи на Османи и на Димитров во повеќе градови, како и зачестените престои на највисоките функционери на Македонија во Брисел сугерираат дека преговорите се почнати, а можеби и завршени во Брисел, а тоа што нашиот премиер даваше цврсти изјави дека нема да преговара за идентитетот може да се сфати како најава дека нешто ќе попушти, па сака однапред да влијае на јавноста како да го чита исходот.

Заев денеска за „Утрински брифинг“ рече дека португалското претседателство на ЕУ веќе шест месеци разработува цела една стратегија со која што ќе настапи пред Софија и пред Скопје.

– Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако го чепнете македонски идентитет и јазик тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал, рече Заев.(Н.В.)