Што ќе биде со луксузната вила на Милан Радоичиќ кој го водеше бунтот во Бањска

Целиот регион го виде луксузот кој го поседува еден од водачите на косовските Срби, сега може сѐ да загуби


 

Косовската полиција има намера да ја преземе сопственоста на вилата на косовскиот Србин Милан Радоичиќ, кој беше дел од групата што уби еден полицаец и потоа се забарикадира во манастирот Бањска. Вилата се наоѓа на езерото Газиводе, а според министерот за внатрешни работи Џелал Свечља, таа во иднина ќе служи како станица за единици со чамци.

Четири дена по конфликтот во Бањска, косовската полиција изврши претреси на неколку локации на северот на Косово, меѓу кои и вилата на езерото Газиводе во сопственост на Милан Радоичиќ. Косовскиот министер за внатрешни работи прво објави снимка од внатрешноста на вилата, наведувајќи дека тоа е „Пабло Ескобар од регионот“.

„Детално и до крај ќе се истражува терористичкиот напад со кој се соочи косовската полиција во селото Бањска. Согласно судската наредба, косовската полиција изврши рација во станот на Милан Радоичиќ и неговата вила“, напиша Свечља на својот Фејсбук профил, пренесува „Нова.рс“

„Дури и од сликите што може да се видат, очигледно е дека не се работи за ‘борец за слобода’ туку за Пабло Ескобар од регионот. Под превезот на бранител на граѓаните, тој и неговите соработници станаа мултимилионери на сметка на законот, државата и другите граѓани. Затоа, неопходно е да се истражи местото на злосторството сите овие години на северот на земјата заедно со целиот имот на терористичката група“, заклучи Свеќља.

Три дена подоцна, Свечља изјави дека вилата на Милан Радоичиќ на езерото Газиводе била изградена на земјиштето на Агенцијата за шумарство на Косово. Тој додаде дека води разговори со министерот за земјоделство за овој имот да се префрли на МВР.

„Сакаме косовската полиција да го користи како станица за единица со чамци“, рече министер на прес-конференција, а пренесува „Коха“.

Непосредно пред да биде покренат претрес на имотот на Милан Радоичиќ во Косово, тој ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска.

„Јас, Милан Радојичиќ, татко Рајко, роден во Република Србија, поради бројните шпекулации кои се појавија, ја известувам јавноста дека заедно со моите сонародници од северот на Косово и Метохија, на 24 септември дојдов во селото Бањска. Причината за нашето враќање беше да го поттикнеме српскиот народ од тој крај да се спротивстави на теророт на кој е секојдневно изложен. Ги известувам сите дежурни прогонувачи на српскиот народ, од Курти до бројни странски помагачи, дека лично ги направив сите логистички подготовки за одбрана на народот, а овој чин нема никаква врска со мојата претходна политичка инволвираност. За ова никого не известив, па ни властите на Република Србија, ниту пак добив помош од нив бидејќи веќе имавме различни позиции по прашањето за теророт на Курти“, напиша Радоичиќ во писмото кое беше прочитано јавно од неговиот адвокат Горан Петрониевиќ, во кој ја презеде одговорноста за настаните во село Бањска.