Што кажа писателот Салман Ружди во интервју неколку недели пред крвавиот напад


 

Во интервјуто што го даде само неколку недели пред да биде избоден и сериозно ранет од напаѓач во Њујорк, познатиот писател Салман Ружди рече дека неговиот живот сега е релативно нормален по години криење поради смртни закани.

Во интервју за германскиот весник „Штерн“, тој се нарече оптимист и истакна дека фатвата, издадена во Иран во 1989 година, со која се повикуваат муслиманите ширум светот да го убијат поради богохулење, е издадена многу одамна.

Интервјуто требаше да се појави на 18 август, но „Штерн“ го објави денеска, ден по нападот врз Ружди.

Тој го дал интервјуто за весникот пред околу две недели, објави редакцијата на магазинот, пренесе Ројтерс.

Книгата на Ружди „Сатански стихови“ е забранета во Иран од 1988 година, а многу муслимани ја сметаат за богохулење. Една година подоцна, починатиот ирански водач, ајатолахот Хомеини, издаде фатва во која повика на смрт на Ружди. Понудена е награда од над три милиони долари за секој што ќе го убие Ружди.

Се криеше скоро 10 години, но во последно време живее послободно.

Ружди, роден во Индија, кој стана американски државјанин во 2016 година и живее во Њујорк, рече дека е загрижен поради заканите за демократијата во САД.

– Победата на Трамп над вистината е најважна работа таму. Неговите веруваат дека другите ги лажат, а не тој – рече Ружди.

Запрашан дали е носталгичен, Ружди (75) рече дека не е и дека ја сака историјата, но дека кога е во прашање неговиот живот, повеќе сака да гледа напред.

Њујоршката полиција соопшти дека го привела Хади Матар, кој вчера го нападна Ружди додека се подготвувал да одржи предавање во западниот дел на Њујорк.

Матар, 24-годишен маж од Фервју, Њу Џерси, купил билет за да присуствува на настанот, соопшти полицијата, додавајќи дека сè уште не го утврдила мотивот за нападот.