Што гледаат жителите на Аеродром – што пробува Митески?


„Колку време треба да помине за конечно некој да излезе на терен и да го расчисти хаосот по невремето?“, прашува една жителка на Општина Аеродром, на Фејсбук групата „Општина Аеродром – пријави проблем“, а во прилог додала десетина фотографии од попадната дрвја, исечени на трупци, околу градинката „Срничка“, како и паднати канделабри. 
 
 
 
 
„Со недели низ населбата стојат паднати дрвја, гранки, па дури и бандери. Патеките и тревниците се преполни со остатоци, а сликата што ја остава нашата населба е срамна.
Што точно се чека? До кога Аеродром ќе изгледа вака?
Очекувавме градоначалникот да го исполни она што го ветуваше: чиста, средена и уредна општина, без ѓубре и запуштени јавни површини. Наместо тоа, денес гледаме хаос на секој чекор.
Прво со недели се боревме со несобраното ѓубре, а сега со паднатите дрвја и гранки кои никој не ги отстранува.
На што личи нашата населба? Зарем ова е сликата што треба да ја гледаат жителите на Аеродром?“, прашува таа.
 
Едновремено градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески покажа каква опрема за средување на зеленилото во општината набавил. 
 
„Нова механизација и опрема за почист, поуреден и позелен Аеродром!
Јавното претпријатие доби нови телескопски пили, дувалки за лисја, глави за косење, мулчери, тримери и моторни косилки за трева, како и нови работни униформи и заштитна опрема за вработените.
Со современа механизација и подобри услови за работа, создаваме посилно и поефикасно претпријатие кое секојдневно ќе се грижи за парковите, зеленилото и јавните површини.
Продолжуваме да инвестираме во чист, уреден и зелен Аеродром – затоа што нашите граѓани го заслужуваат најдоброто“, стои во неговата објава, исто така на фејсбук, а новата опрема е изложена во паркот „Авионче“, затоа што само тој парк редовно се одржжува и тревата таму е зелена, додека на сите други места таа е пожолтена или затрупана со гранки.
 
Да не е жално би било смешно. Аеродромци одамна ги немаат видено ни метларките, кои овој период по невремето можеа добро да послужат за собирање на лисјата и малите гранчиња од патеките меѓу зградите. Но, општината не личи дека некој се грижи за јавниот простор и дека го одржува. (Б.Б.)