Што ги чека канцеларот Мерц и неговата екипа?

Не одеше како што замислуваше Фридрих Мерц. Новиот канцелар е првиот во историјата кој не успеа во првиот круг од гласањето во Бундестагот, бидејќи некои членови на владејачката коалиција не гласаа за него. Сепак, тој беше избран во вториот круг. Ова ќе го отежни создавањето нова коалиција која нема време за губење.
Новата влада сака од самиот почеток да ја нагласи разликата од претходната семафор-коалиција под водство на Олаф Шолц, која ја сочинуваа социјалдемократите, Зелените и либералите.
„Пресвртот што го посакуваат многу граѓани е веќе наведен во овој документ“, рече лидерот на баварските христијански социјалисти (ЦСУ), Маркус Зедер, при потпишувањето на коалицискиот договор со сестринските христијански демократи (ЦДУ) и социјалдемократите.
„Зајакнување на економијата, ограничување на нелегалната миграција, враќање на редот во Германија и давање нов импулс“, додаде Зедер, кој е и премиер на Баварија. Како што рече, тоа мора да се спроведе „со полна пареа“.
Сепак, меѓу социјалдемократите (СПД) речиси и да нема волја фундаментално да се промени сè за што партијата беше одговорна во изминатите три и пол години како партија на канцеларот.
Особено во социјалната политика, социјалдемократите се спротивставуваат на премногу драстични намалувања.
Канцеларската функција сега повторно ја презема ЦДУ, нејзиниот лидер Фридрих Мерц станува шеф на владата, а лидерот на СПД Ларс Клингбаил станува вицеканцелар и сојузен министер за финансии.
Ќе има вкупно 17 министерства. Седум ќе бидат предводени од ЦДУ и СПД, а три од ЦСУ. Впечатливо е: ЦДУ избра претежно адвокати за министри, додека СПД испраќа значително повеќе жени отколку мажи.
Најголемиот противник е АфД
ЦДУ, ЦСУ и СПД формираат сојуз од нужда – роден од изборните резултати кои не дозволија какво било друго мнозинство без учество на Алтернатива за Германија (АфД).
Сепак, за време на коалициските преговори, партиите се зближија, нагласи Фридрих Мерц при потпишувањето на договорот.
Една од клучните цели е да се спречи понатамошното зајакнување на АфД, која Канцеларијата за заштита на Уставот ја оцени како „докажана крајнодесничарска“.
Ова првенствено се однесува на темите што „ја направија таа партија голема“, рече идниот сојузен министер за внатрешни работи Александар Добринт (ЦСУ) во телевизиско појавување. АфД мора да биде „совладана со добра и успешна владина политика“, нагласи Добринт, индиректно зборувајќи против сè почестото јавно мислење дека треба да се покренат правни постапки за забрана на партијата.
Повеќе гранични контроли и депортации
Унијата првенствено се потпира на заострување на миграциската политика. Построги контроли на сите германски граници и враќање на недокументирани лица се планирани од среда (7 мај).
„Задачата на полицијата е да обезбеди дека нема нелегални преминувања во Германија, а тоа е она што сега е поставено како уште посилна задача за граничните служби отколку порано“, рече Добринт.
Покрај околу 11.000 федерални полицајци, ќе бидат распоредени и неколку илјади дополнителни полицајци, вклучувајќи ги и оние за надзор на воздушната граница. Целта е да се олесни откривањето на шверцерите на луѓе и побрзо да се реагира на промените во нивните рути.
Неколку германски сојузни покраини ги поддржуваат овие планови, вклучувајќи ги Бранденбург, Саксонија и Баварија, кои граничат со Полска, Чешка и Австрија.
Сепак, веднаш пристигнаа критики од соседните земји. Добринт смирува: „Сите разговори што ги имав во последните денови покажуваат јасно разбирање на новата германска позиција за нелегалната миграција, а повеќето велат дека е време за тоа.“
Германија без федерален буџет
На внатрешнополитичкиот фронт, лидерот на СПД, Ларс Клингбеил, мора веднаш да се фати за работа. Како министер за финансии, тој има должност што е можно поскоро да го презентира федералниот буџет за тековната година.
Во таа задача претходната влада не успеа во ноември 2024 година и се распушти. Нацрт-буџетот за 2026 година веќе доцни.
Специјален инвестициски фонд од 500 милијарди евра – финансиран од долг – треба да им го олесни управувањето со земјата на Унијата и на СПД. Сега, според Клингбеил, ќе започне „најголемата модернизација во последните децении“.
„За училишта, за железници, за безбедност, за брз интернет, за заштита на климата, енергија, мобилност, за дополнително домување.“
Премногу пензионери, недоволно професионална работна сила
И покрај ова, владата ќе мора да направи значителни заштеди. Дополнителните заеми може да се користат само за инвестиции, а не за социјални бенефиции. Но, токму оваа ставка расте побрзо, првенствено поради демографските промени во Германија.
Германците стареат и живеат подолго. Реформата на пензискиот систем е итно потребна, но СПД инсистира на зачувување на стабилноста на пензиите. Моментално, секое четврто евро од федералниот буџет оди како субвенција за пензиските фондови.
Колку е постаро населението, толку се повисоки трошоците за здравствени установи. И тоа е она со што ќе мора да се справи новиот министер за финансии Клингбеил.
Многу ќе зависи од тоа како ќе се развива економијата во Германија, особено кога станува збор за финансирање на социјалните трошоци. И перспективите во моментов се лоши – земјата веќе е во рецесија трета година по ред.
Затоа, зајакнувањето на економијата има највисок приоритет, нагласува Клингбеил. „Просперитетот мора да се заработи и затоа овој коалициски договор е јасен знак за зајакнување на индустријата, јасен знак дека сакаме да ги привлечеме индустриите на иднината во Германија и јасен знак дека се потпираме на „Произведено во Германија“.
Трамп, Путин, миграцијата – големи глобални предизвици
Надворешно-политичките околности се она што ја поврзува претходната со оваа нова влада. Предизвиците се огромни.
По промената на курсот на американскиот претседател Доналд Трамп и заканите од Русија, Германија мора да ја редефинира својата улога во Европа и во светот.
Фридрих Мерц, верен Европеец и застапник на соработката со САД, го најави ова како еден од своите приоритети. „Големи делови од Европа, пред сè Европската Унија, чекаат уште еднаш да дадеме силен придонес за успехот на европскиот проект“, рече Мерц.
Советот за национална безбедност при Канцеларијата во иднина треба да ги координира клучните одлуки за надворешна политика и безбедност.
Само три дена по неговиот избор за германски канцелар, Фридрих Мерц денеска ќе престојува во посета на Брисел на средби со првите луѓе на ЕУ и на НАТО.
Престојот во Брисел, Мерц ќе го започне со средба со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Кошта, по што ќе го посети Европскиот парламент, каде ќе се сретне со неговата претседателка Роберта Мецола.
По разговорите со претставниците на ЕУ, Мерц попладне ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во седиштето на Алијансата во Брисел.
Мерц ќе допатува на Брисел на Денот на Европа, откако претходно по неговиот избор за канцелар ги посети втората по големина земја во Унијата по Германија, Франција, како и државата актуелен претседавач со Советот на ЕУ, Полска.
На своето прво патување во странство како канцелар, Мерц ќе оди во Париз во среда, каде што ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Наскоро ќе следи посета на Варшава. Тема на обете посети ќе биде прашањето како да се продолжи со миграцијата и азилот во Европа.
Затоа, идниот сојузен министер за внатрешни работи Добринт веднаш по преземањето на функцијата ќе отпатува во Франција и другите соседни земји за да води преговори таму. (Дојче веле)