Што е „синдром на сукцесија“?

Станува збор за ситуација во екстремно богатите домаќинства, во кои кај децата се создава атмосфера на страв од неуспех, исто како онаа што можеше да се види во популарната серија


 

Хит драмата „Сукцесија“ (Succession) штотуку заврши и, без разлика дали финалето ги оправда очекувањата, психијатрите во последно време ја споменуваат поради истоимениот синдром.

Станува збор за ситуација во екстремно богатите домаќинства, во кои кај децата се создава атмосфера на страв од неуспех, исто како онаа што ја видовме во оваа серија.

„Парацелзус Рекавери“ (Paracelsus Recovery), меѓународен центар за рехабилитација во Лондон и Цирих, нуди помош и терапија за зависност и вели дека речиси 40 отсто од нивните пациенти имаат проблеми со „синдром на сукцесија“.

Во серијата го видовме милијардерот Логан Рој и неговите деца како се борат за превласт над неговата медиумска империја, што е ехо на слична борба што се случила многу пати низ историјата.

Од Парацелзус центарот велат дека тоа навистина се случува во семејства кои се толку богати, бидејќи многу деца од таква средина се целосно запоставени, додека нивните родители најчесто се физички и емоционално отсутни, пишува Гардијан.

Богатството ги зголемува шансите некој да има проблеми со алкохолот за 27 проценти, а се поврзува и со нарцисоидност, што може да се види кај Кендал, Шив и Роман во серијата, кои го привлекоа вниманието на ваквите проблеми.

Креаторот на серијата Џеси Армстронг рече дека Руперт Мардок, Самер Редстон и Роберт Максвел, како и нивните деца, биле инспирација.

Многумина ја нарекоа серијата „Сукцесија“ модерна верзија на кралот Лир, бидејќи трагедијата на Шекспир ја прикажува борбата во семејството кога кралот Лир одлучува да го подели кралството меѓу своите ќерки врз основа на тоа колку го сакаат.

Иако има мал број на луѓе кои се погодени од горенаведениот синдром, тоа се индивидуи кои подоцна имаат многу вработени под себе, на кои влијае нивното однесување, па затоа е неопходно да се внимава на нивниот емоционален развој.

Истражувањата исто така покажаа дека колку повеќе некој стекнува богатство, толку е помалку емпатичен. Децата потоа се воспитуваат во домаќинства каде што има притисок, изолација и чувство на супериорност, велат од центарот.

„Иако овој синдром влијае на релативно мал дел од општеството, овие луѓе можат да продолжат да заземаат позиции со вистинска моќ и авторитет, вработувајќи илјадници луѓе во повеќето случаи, така што сите имаме интерес за нивната ментална благосостојба“, рече Гербер, основач на центарот „Парацелзус Рекавери“.

Тој додаде дека „овие семејства обично функционираат повеќе како компанија отколку како заедница, што го отежнува поврзувањето. „И за родителите и за децата, овие внатрешни проблеми можат да ја постават основата за состојби како што се анксиозност, депресија и злоупотреба на супстанции“.