Што е болеста Марбург, чија смртност е и до 88 отсто


Здравствените власти во Гвинеја надгледуваат 155 луѓе кои можеби имале контакт со потврден случај на вирусната болест Марбург. Според СЗО, Марбург болеста е многу заразна хеморагична треска слична на ебола

 

Здравствените власти во Гвинеја надгледуваат 155 луѓе кои можеби биле во контакт со потврден случај на вирус Марбург, високо заразна хеморагична треска слична на ебола, изјави во вторникот претставник на Светската здравствена организација.

Случајот Марбург, за кој СЗО рече дека е прв во Западна Африка, е потврден во Гекеду во југоисточна Гвинеја. Во овој регион почна епидемијата на ебола во Западна Африка 2014-2016 година, најсмртоносна во историјата, и забележа кратко воскреснување на ебола оваа година.

Жорж Ки-Зербо, шеф на СЗО во Гвинеја, рече дека Марбург циркулирал кај животните, особено кај лилјаците, во јужна Гвинеја и соседните Сиера Леоне и Либерија.

Патогените микроорганизми имаат тенденција да преминуваат од животни на луѓе во регионот заради нивната блиска интеракција, особено во ловот и јадењето на “bushmeat”, односно месо од животни од дивината.

„Не постои познат секундарен случај … Контактите се проследени, а 155 лица се под опсервација три недели“, рече Ки-Зербо во интервјуто.

„Тоа е активен надзор. Контактите се чуваат дома, изолирани од другите членови на семејството. Секојдневно се посетуваат за да се проверат потенцијалните симптоми”.

Марбург и ебола се тесно поврзани и преносот помеѓу луѓето обично се случува преку контакт со крв или други телесни течности.

Гвинеја беше прогласена за слободна од ебола пред два месеци, по епидемијата во која загинаа 12 луѓе.

Стапките на смртност кај Марбург во минатите епидемии варираа од 24 отсто до 88 отсто од заразените.

Но, Ки-Зербо рече дека Гвинеја е подобро подготвена да се справи со епидемијата отколку што беше кога се случи ебола во 2014 година. Откривањето на случајот Марбург, исто така, укажа на подобрена способност за откривање на такви инфекции.

„Гвинеја изгради робустен здравствен систем за безбедност од последното појавување на ебола во 2014 до 2016 година“, рече тој, посочувајќи на употреба на тимови за брза реакција, детективи за болести, епидемиолози и социјални антрополози и подобра координација со соседните земји.

„Глобално, пристапот во борбата против Марбург нема да се разликува од оној за ебола“, рече тој. „Единствената разлика е во тоа што нема вакцина или лек специјално насочен кон вирусот. Достапна е само поддршка за нега”.