Што да правите со мувла на џем и дали треба да ја фрлите целата тегла?
Сте подготвиле домашен џем, а по некое време забележувате мувла во теглата… Се поставува прашањето: што да правите – да ја фрлите целата тегла или да се обидете да го зачувате намазот? Иако порано советот беше дека отстранувањето на расипаниот дел е доволно, денес експертите не се согласуваат.
Зошто отстранувањето на површината не е доволно
Ако се појави мувла на џем, мармалад или желе, најбезбедно е да се фрли целата содржина на теглата. Проблемот е што мувлата не останува само на видливиот дел, туку нејзините нишки можат да се прошират длабоко во џемот или мармаладот. Некои видови мувла можат да произведат и микотоксини, штетни супстанции што не се гледаат со голо око.

Улогата на шеќерот
Ова правило важи и за џемови со висока содржина на шеќер. Иако шеќерот го забавува растот на микроорганизмите, тоа не е гаранција дека нема да се развие мувла, особено откако ќе се отвори теглата. Мармаладите со помала содржина на шеќер се уште почувствителни бидејќи немаат ист силен конзервативен ефект.
Како правилно да постапите
Никогаш не го вкусувајте или мирисајте џемот за да процените дали може да се зачува. Испразнете ја теглата, а доколку е отворена и складирана во фрижидер, проверете ја храната што била веднаш до неа. Најдобрата заштита е превенцијата: по отворањето, чувајте го џемот во фрижидер, секогаш вадетео со чиста лажица и не ја оставајте теглата на собна температура долго време. Ако подготвувате зимски џем за долгорочно складирање надвор од фрижидер, не е доволно само да истурите топол џем во теглата. Треба да користите докажан рецепт и да примените соодветен процес на конзервирање.