Што би се случило во Русија ако Путин не може веќе да владее или умре?


Русија нема втор човек, потсетува „Дојче веле“. Сосема намерно, Владимир Путин не го именуваше својот „наследник на престолот“. Но, што би се случило ако рускиот претседател ненадејно умре или не може да ги исполни своите должности?

Владимир Путин би можел да владее со Русија до 2036 година. Автократот тоа го обезбеди преку уставните амандмани усвоени пред две години. Во 2024 и 2030 година може да се кандидира на претседателските избори по петти и шести пат. Сепак, со години кружат различни гласини за здравствената состојба на рускиот претседател. Се верува дека боледува од тешка болест, но нема докази за тоа, наведува сајтот на германската информативна телевизија НТВ во опширното објавување на оваа тема.

Но, едно е сигурно – и Путин старее. На 7 октомври тој наполни 70 години и веќе го надминува просечниот животен век на мажите во Русија, кој е 67 години. Некои се прашуваат кој ќе ја преземе владата на Русија ако Путин не може да ги исполни своите претседателски должности.

„Тоа се однесува на ненадејна смрт на Путин или на негова неспособност да ги извршува своите должности поради други причини – на пример, ако боледува од сериозна болест. Сепак, не постои прецизна дефиниција кога претседателот не е во состојба да ги извршува своите должности“, објаснува Фабијан Буркхарт од Институтот за студии на Источна и Југоисточна Европа „Лајбниц“.

Во случај на ненадејна смрт на рускиот претседател, за привремен шеф ќе биде назначен премиерот. Од 2020 година тоа е Михаил Мишустин. Тој ќе ги ужива „речиси сите овластувања што ги има Путин. Ова ја вклучува, на пример, одлуката за употреба на нуклеарно оружје“, објаснува Фабијан Буркхард. Меѓутоа, привремениот шеф на државата нема да има право да ја распушти Думата, да распишува национални референдуми или да го менува уставот. Во рок од три месеци мора да се закажат нови избори – од привремениот претседател или од Централната изборна комисија.

Во Русија, хиерархијата на власт е сосема јасно дефинирана, вели Буркхард. „Претседателот е највисоко рангирана личност во земјата, втор е премиерот Мишустин, а трета Валентина Матвиенко како претседател на Советот на Федерацијата. Четврто лице во хиерархијата е претседателот на Думата, Вјачеслав Володин“.

Каква улога игра Медведев?

Меѓутоа, во земја како Русија не е исклучено и други да се обидат да ја преземат власта. Кои би можеле да бидат овие луѓе? Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на Советот за државна безбедност на Русија веќе беше претседател на земјата помеѓу 2008 и 2012 година. Медведев стана премиер по завршувањето на неговиот претседателски мандат. Во 2020 година, специјално за него беше создадено ново место во безбедносното тело, составено од најважните лица во руската влада. Во него се вклучени Путин, кој претседава, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и шефот на руската национална гарда.

„Истовремено, Медведев е личност за која не е сосема јасно дали е петти во хиерархијата или дали е всушност на исто ниво со премиерот“, истакнува Фабијан Буркхард. „Во таа насока се поставува прашањето дали и Медведев во таква ситуација би ја барал функцијата привремен претседател“.

„Несигурноста е дел од моќта на Путин“

Експертот вели дека има две реални сценарија во случај на испразнето претседателско место. Според првото сценарио, меѓу елитите ќе има спор околу тоа кој треба да го наследи Путин. Правилата во уставот веќе нема да важат – затоа што никој нема да ги следи. И една од фракциите може да се пробие и да ги одреди правилата и кандидатите за претседателското гласање.

Според второто сценарио, се ќе се случи како што е опишано во уставот. Тогаш Мишустин ќе стане привремен претседател и во рок од три месеци ќе има нови избори.

Кој еден ден ќе го наследи Путин на претседателската функција – на оваа тема може само да се шпекулира, вели Буркхард. За тоа „дефинитивно е рано“. Путин сосема свесно не сака да има јасен „наследник на тронот“. Ваквото правило за неговиот заменик би довело до конфликти, а Путин не сака такво нешто. Ова е и една од причините зошто тој непречено владее речиси 23 години.

„Неизвесноста е дел од моќта на Путин“, изјави политикологот Јенс Зигерт од фондацијата Хајнрих Бел за НТВ. „Сите на некој начин зависат од Путин“.

Какво е влијанието на безбедносните служби?

И британскиот неделен магазин „Спектатор“ се задржува на темата за наследникот на Путин. Сите највисоки раководни нивоа се блиски до рускиот претседател, но дали некој од нив може да го именува неговиот наследник? И има ли меѓу нив некој што би можел да го замени, прашува авторот на написот Овен Метјуз, гледајќи ги блиските врски на Кремљ со безбедносните служби.

Чисто институционално, Кремљ со години е продолжение на Федералната служба за безбедност (ФСБ), пишува Метјус, објаснувајќи дека тројцата најмоќни луѓе во Русија денес се сегашни или поранешни шефови на ФСБ – самиот Путин, претседателот на Советот за безбедност Николај Патрушев и сегашен шеф на ФСБ, Александар Бортников, кои се познаваат од средината на 70-тите години. Тие работеа заедно речиси половина век. Повеќето од другите високи лидери во Кремљ, како што се шефот на Роснефт, Игор Сечин, шефот на надворешно разузнавање Сергеј Наришкин и многу други доаѓаат од истиот тесен круг. Дел од него се уште неколку стари пријатели на Путин од времето кога тој беше заменик градоначалник на Санкт Петербург во 1990-тите.

Има ли кој да го симне од власта Путин?

Веројатно, ако постои „колективен Путин“, тој е составен од мала група на многу блиски параноични старци чија главна цел е да го задржат своето богатство и моќ и да ги пренесат на своите деца и штитеници, пишува авторот на „Спектатор“. Во текот на изминатите дваесет години, кадрите на ФСБ продолжија не само да заземаат делови од државниот и приватниот бизнис во Русија, туку и да ги претвораат своите деца во министри. Имаше дури и случаи на „династички бракови“, пишува и Метјус.

Наспроти позадината на силните руски безбедносни служби, војската веројатно нема да игра каква било улога во однос на претседателот. Во Русија армијата немаше одлучувачка политичка улога од смртта на Сталин. Маршалот Жуков тогаш всушност изврши државен удар со апсење и кратко време потоа убиството на шефот на КГБ, Лаврентиј Берија. По овој болен судир меѓу армијата и тајната полиција, КГБ и ФСБ презедоа сериозни мерки. Нивната цел беше – војската во Русија да нема одлучувачки глас за внатрешната безбедност. Делумно со слична идеја неодамна беше создадена и руската национална гарда, на чие чело е и човек од КГБ – поранешниот телохранител на Путин, Виктор Золотов.

Веб-страницата на германскиот телевизиски канал НТВ заклучува: Претседателот на Русија сè уште е на власт – делумно благодарение на чудните методи со кои ја одржува. Во моментов, сепак, неговата судбина не зависи само од неговото здравје, туку и од текот на војната во Украина. И, ако работите продолжат да одат лошо на фронтот, во одреден момент Путин ќе се најде пред сериозни проблеми. (Дневник.бг)