Што бараше Теута Арифи во Њујорк?


На официјалната интернет-страница на Општина Тетово нема никаква вест за посетата на градоначалничката Теута Арифи во Њујорк. Веројатно, никој немаше да дознае за неа доколку не излезеше фотографијата на премиерот Зоран Заев заедно со Срѓан Керим на вечера по покана на тетовската компанија „Еколог“ и претходно таа на виенскиот аеродром.

Од Владата потврдија дека станувало збор за настан организиран при на посетата на премиерот Заев во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

За Керим, кој беше исклучително близок со власта на Никола Груевски, се разјасни оти пред две години станал хонорарен соработник на „Еколог“ чија задача е да ја претставува компанијата во странство и пред меѓународните клиенти, но остана нејасна улогата на Арифи.

Во Општина Тетово, и покрај безбројните телефонски повици, не ни одговорија во кое својство Арифи била во Њујорк, дали била приватно или службено, дали била гостин на „Еколог“ и зошто (имајќи предвид оти станува збор за приватна компанија) и кој го платил патот до САД? Советниците во Општина Тетово со кои контактиравме не знаеја да кажат ништо за патувањето на градоначалничката.

Во мај годинава премиерот Заев беше во посета на „Еколог“ во Тетово, а и тогаш беше присутна Арифи, но и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во јавноста се зборува за блиските односи на Арифи со „Еколог“, но таа одбива да каже некој збор на оваа тема.

На порталите блиски до опозицијата се шпекулира дека целта на посетата во САД било тоа што Арифи важела за еден од најсериозните кандидати за амбасадорското столче во Вашингтон. (Г.А.)