Штипскиот Совет утре на вонредна седница ќе го спасува од финансиски колапс ЈП „Исар“


Советот на Општина Штип за утре ја закажа вонредната седница, на која ќе има само две точки на дневниот ред, а тоа се ребаланс на буџетот и одобрување на 18 милиони денари за ЈП „Исар“, кое е во тешка финансиска состојба и е постојано со блокирана сметка.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов пред два дена на прес-конференција најави дека ќе има вонредна седница, а воедно изнесе и детали за финансиката состојба во ЈП „Исар“.

-Сакам да презентирам решение на проблемите, а тоа е дека мора да се направи замрзнување на новите вработувања во ЈП „Исар“, да се направи преструктуирање, да се намали бројот на членови на Управни одбори, да се намали бројот на превработена администрација. Веќе сме подготвени да направиме нова систематизација, рече Јорданов на прес-конференцијата на 5 јуни.

Штипското комунално претпријатие „Исар“ има долг од околу пет милиони евра, а вкупниот број на вработени е 325. Во текот на вонредната седница ќе се знае од кои ставки на буџетот на Општина Штип ќе се крати, за да се трансферираат средства за долговите на ЈП „Исар“-Штип.