Штипскиот градоначалник бара корекција за блок дотациите што пристигнуваат за пожарникарите


Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов бара министерството за одбрана да ги коригира блок дотациите за пожарникарите, што ги добиваат општините во земјава. Забележува дека не се почитуваат законските одредби кога станува збор за распределба на средствата со кои се исплаќаат платите на пожарникарите. Општината Штип добива средства само за десет пожарникари, а според бројот на жители за општините Штип и Карбинци кои ги покрива Територијалната Противпожарна единица треба да се исплаќаат финансиски средства преку блок дотации за вкупно 33 пожарникари. Само 700.000 денари се добиваат преку блок дотации, а останатите два милиони денари ги обезбедува општината преку буџетот.

-На Општина Штип само за десет пожарникари се исплаќаат финансиски средства, остатокот од 23 пожарникари, општината го презема како обврска, за разлика еве да речеме со соседната општина Велес каде има исто 33 вработени, но блок дотациите коишто ги добиваат од Министерството за одбрана и Министерството за финансии се за вкупно 33, вели Јорданов.

Според претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиев за овој проблем со кој се соочуваат неколку поголеми општини во земјава е разговарано со министерот за финансии. Штипскиот градоначалник, Јорданов вели дека општината и Синдикатот на пожарникарите потпишаа нов Колективен договор. Според овој колективен договор платата на штипските пожарникари се зголемува, а редовно ќе им се исплаќаат и додатоците на плата.

-Во минатите години неколку стотици илјади евра се исплатени на име на судски и адвокатски трошоци од страна на општината за да го спречиме овој тренд. Склучивме нов Колективен договор со којшто ги усогласивме законските обврски коишто ние ги имаме, во однос на висината на платат којашто ја земат пожарникарите, рече Јорданов.

Тој посочи дека пожарникарите со новиот Колективен договор се предвидува два пати годишно да им се врши тестирање на физичка подготвеност.