Штипскиот авантурист Христијан Митев заглавен во Перу

Дваесет и шестгодишниот Христијан Митев од Штип е во градот Куско во Перу. Штипјанецот што сам го истражува светот е заглавен во овој град, а поради пропуст, не се најде на списокот на патници кои во саботата стигнаа во државава со чартер лет од Бразил.

Пропустот е направен, бидејќи дописот наместо до Амбасадата во Бразил, го испратил на маил на Министерството за надворешни работи. Митев сега е поврзан со нашата амбасада во Бразил и е во активна комуникација со нив за да се најде начин заедно со друга група странски државјани да се врати дома.

-Во Перу сум веќе месец ипол, а во Јужна Америка сум веќе три месеци. Пристигнав во јануари во Колумбија, потоа поминав во Еквадор и сега сум моментално во Перу. Мојот план беше да останам овде до јуни или јули и да продолжам кон Боливија, потоа Чиле, Аргентина, истражување на јужниот дел, значи Петагонија, вели Митев.

Тој во видео порака испратена до новинарите вели дека главен проблем е како да ги помине 1.200 километри од Куско до Лима, во време кога е ограничено движењето поради корона вирусот, затворени се аеродромите, а патувањето со автобус, ако го има, трае околу 20 часа.  Не е загрижен за своето здравје затоа што ги почитува препораките на тамошните власти, но е пријатно изненаден од дисциплинираноста на тамошните жители. Вели дека отворени се само супермаркетите и аптеките, а се останато е затворено и движењето по улиците е сведено на минимум.

-Имам одлични планови и тие ме одржуваат да останам позитивен во овие тешки моменти. Што се однесува до моето здравје се чувствувам одлично. Немам никакви проблеми досега, доста сум дисциплиниран, вели Митев.

Тој по вокација е новинар, но за себе вели дека е талкач. Досега истражувал низ повеќе земји. Тој е последниот Македонец кој го посетил Мачу Пикчу, пред да биде затворен за туристи поради пандемијата.