Штипска „Пастрамајлијада“ : Од Лоба до Цеца

Штипската „Пастрамајлијада“, што по 13 пат ќе се одржи во организација на Општина Штип годинава ќе се одржи од 20 до 22 септември, објави на денешната прес-конференција Кирил Панајотов советник во Општина Штип.

Истакна дека годинава на сцената ќе доминираат македонските пејачи и групи. На 20 септември ќе настапат групите Кентаур, Аре брадерс бенд, Агушеви и Нокаут и Игор Џамбазов. Додека во сабота ѕвезда на вечерта е српската пејачка Цеца, а пред неа ќе настапат Мартинијан Кириловски и Антониа Гиговска, а во недела публиката ќе ги забувавуваат „Но енд“, Викторија Лоба, Тропико бенд и Данијела Мартиновиќ.

Панајотов потенцира дека настапите на музичките артисти и оваа година ги финансираат спонзорите, а генерален спонзор и оваа година е „Скопско“. Општина Штип од сопствениот буџет, како и лани за оваа манифестација има предвидено околу 2.500.000 денари. Средства кои ќе се потрошат печатење на материјали, поставување на бина, струја и храна за изведувачите.

– Цената на штипската пастрамајлија се уште не е утврдена, тоа ќе се направи заедно со угостителите. Очекуваме и оваа година да имаме над 30 штандови, на коишто ќе се продава нашиот брендиран специјалитет, вели Панајотов.

Тој забележа дека во организација на манифестацијата ќе бидат вклучени локалните институции, со цел да се обезбеди простор за паркинг, но и да се регулира сообраќајот.