Штип ќе има полузатворен Градски пазар


Фото: Б. Грданоски

Од следната недела почнува изградбата на полузатворениот Градски пазар во Штип, информираше денеска раководителот на работна единица Градски пазар при ЈП „Исар“-Штип, Димче Колев. Тој во денешната изјави рече дека од следниот петок сите тезги на Градскиот пазар во Штип ќе бидат сместени во долниот, покриен дел на пазарот. Ваквата одлука доаѓа во насока на реализација на проектот за полузатворен пазар во Штип.  Посочи дека периодов се намалува и бројот на продавачи, па нема да биде проблем привремено да се сместат во помалиот дел.

-Ова е последен пазар на ова плато, сите закупци на тезги наредната недела ќе бидат сместени на Плато 1 (покриениот пазар) и на Плато 2, каде што има доволно место. Сите закупци ќе бидат сместени, сега е зимски период, секако, се намалува бројот на закупци на тезги и пазарот е полупразен, како што може да видите, така што нема да има проблем во сместувањето на сите закупци на пазарот. Вака ќе биде во текот на наредните месеци до изградбата на новиот пазар на ова место, изјави Колев.

 Продавачите на земјоделски производи се согласни дека понудата се намалува во овој период, а особено го нагласуваат фактот дека новиот пазар за нив ќе значи и многу подобри услови за работа. Полузатворениот пазар е со површина од 1200 м2 ќе биде со челична конструкција. Пред извесно време од Општина Штип го најавија овој проект кој подразбира градот да има модерен пазар кој ќе одговара на барањата и потребите на продавачите и купувачите. Проектот е вреден околу 10 милиони денари.