Штип и Свети Николе стануваат темпирани корона бомби


Здравствените и локалните власти засега не можат да ја зауздаат епидемијата во Штип

Во Штип денеска има 60 нови инфекции на корона вирусот. Вирусот се прошири од конфекциите во контактите на нивните вработени надвор

 

Денешниот извештај од здравствените власти, дека во изминативе 24 часа се регистрирани 60 нови случаи на корона вирусот во Штип ги зголеми стравовите за тоа што се случува во регионалниот центар на истокот со епидемијата и може ли инфекцијата да биде ставена под контрола. Со овие нови случаи сега во Штип има активни 272 случаи од вкупно 569 заболени од почетокот на епидемијата, што изнесува 47 отсто.

Текстилните компании и сега се главни жаришта на инфекциите, но со една суштинска разлика – вирусот сега се шири меѓу блиските на вработените, а не само во фабриките. Изминативе денови беа потврдени случаи во пет текстилни фабрики и јасно е дека ситуацијата во Штип не е ставена под контрола, иако едно време по затворањето на конфекциите таа се држеше на некое ниско ниво. Со денешната бројка јасно е дека таа екплодира, затоа што 60 случаи го става Штип на врвот од градовите во Македонија по бројот на жители.

Речиси сите конфекции редовно работат, но очигледно дека мерките што се преземаат во нив се недоволни, а и луѓето што работат таму не внимаваат со заштитата при нивните бројни контакти надвор. Во болницата во Штип има хоспитализирни 51 лице, а некои се со потешка клиничка слика. Денеска, според здравствените власти нема ниту едно оздравено лице.

Нема ниту едно оздравено лице и во Свети Николе, кое е второто големо жариште на истокот од земјава. Денеска таму се регистрирани пет нови инфекции и со нив бројката на активни случаи во овој овчеполски град стигна до 169. Кога ќе се знае дека вкупниот број заболени досега во Свети Николе изнесува 184 тоа значи дека процентот на активни случаи таму изнесува неверојатни 91 отсто. Конфекцијата „Мода“ (сега затворена) е едно од жариштата во Свети Николе, а оттаму се пренесува низ контактите на нејзините вработени.

И во други градови има активни случаи околу 50 отсто, но тоа се бројки на многу помалку заболени, а не со вакви како во Штип или Свети Николе. Друго жариште што се разгорува е и Гостивар (денеска има 14 нови случаи) и со нив има 190 активни од вкупно 286 случаи. Ситуацијата исто е коплицирана во Струга, Охрид, Дебар.

Иако во Скопје бројот на нови случаи и денеска е најголем – 73, сепак бројките на оздравени се најголеми во главниот град (денеска 40). Во Скопје сега има 1.868 активни случаи од 4.214 заболени од почетокот на епидемијата, што е 44 проценти. На одреден начин платото на епидемијата како да го достигна својот врв и сега се намалу, но многу благо.

Ресен, каде што неочекувано дојде до експлозија на короната сега изгледа дека ситуацијата е ставена под контрола, со речиси секојдневно поголем број оздравени отколку заболени (денес има 7, а ниту една нова инфекција). Сегашнава статистика од Ресен изгледа вака: вкупно 140 случаи, а активни 59. (Н.В.)