Штип и Пласница се спремаат за избори


Фото: Б. Грданоски

Откако градоначалникот на Штип, Благој Бочварски беше предложен за министер за транспорт и врски во новата влада, а градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски стана пратеник, двете општини, според законот, треба да организираат предвремени локални избори.

СДСМ на вчерашната седница на Централниот одбор го потврди предлогот Благој Бочварски да биде министер за транспорт и врски во новата влада. Од друга страна, градоначалникот на Пласница, Јахоски, стана пратеник по последните предвремени парламентани избори од редовите на ДУИ.

Законот за локална самоуправа предвидува дека доколку на градоначалникот му престанал мандатот ако настапи случај на неспоивост за време на функцијата, член на Советот да го заменува градоначалникот до избор на нов, ако редовните локални избори треба да се одржат по повеќе од шест месеци.

Редовните локални избори во Македонија треба да се одржат до година наесен, што значи до тогаш има повеќе од една година.

Во моментот, улогата на градоначалник на Пласница ја презеде членот на Советот, Елсан Нурчески.

Со оглед на тоа што Бочварски вчера беше предложен за министер, Општината се уште нема избрано кој член на Советот ќе го заменува градоначалникот до избор на нов.

Лани, заедно со претседателските избори, нов градоначалник се бираше во три општини, во Охрид и во Дебар, затоа што актуелните градоначалници починаа, а исто така се бираше и нов градоначалник на Ново Село, откако дотогашниот беше фатен во шверц на цигари.

Првиот круг на изборите се одржа во април, а вториот во мај, заедно со претседателските избори. Само Дебар доби градоначалник во првиот круг.

Право на глас во Општина Штип имаат 39.564 граѓани, а во Пласница – 5.045. (Б.Б.)