Штип и Пласница на избори за градоначалник на 13 декември


Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија денеска го потпиша Решението за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип.

Како ден за одржување на изборите утврден е 13 декември 2020 година (недела).  Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија и избирачките одбори а влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија.“

Откако градоначалникот на Штип, Благој Бочварски беше предложен за министер за транспорт и врски во новата влада, а градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски стана пратеник, двете општини, според законот, треба да организираат предвремени локални избори.

Законот за локална самоуправа предвидува дека доколку на градоначалникот му престанал мандатот ако настапи случај на неспоивост за време на функцијата, член на Советот да го заменува градоначалникот до избор на нов, ако редовните локални избори треба да се одржат по повеќе од шест месеци.

Редовните локални избори во Македонија треба да се одржат до година наесен, што значи до тогаш има повеќе од една година.

Во моментот, улогата на градоначалник на Пласница ја презеде членот на Советот, Елсан Нурчески.

Во Штип пак, функцијата градоначалник ја презеде дотогашниот претседател на Совет, Јане Миланов.

Право на глас во Општина Штип имаат 39.564 граѓани, а во Пласница – 5.045.