Штип: Два од четирите новозаболени се од истата текстилна фабрика


Општина Штип оствари комуникација со Министерството за здравство, со неколку сопственици на текстилни фабрики, со здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“, Клиничка Болница Штип и Центар за јавно здравје и капацитетите се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните.

Според денешните податоци од Центар за јавно здравје на територија на Општина Штип има четири нови позитивни случаеви од кои две се од истата текстилна компанија.

Општинскиот штаб за заштита и спасување со своите служби беше на терен и започна со дезинфекција на влезовите пред текстилните фабрики.

Се апелира до угостителите да побараат поддршка за дезинфекција на нивните надворешни тераси и влезови пред отворањето, и секако за поддршка во дел на дезинфекција на автобусите.

– Нашите волонтери беа на терен пред конфекциите и делеа заштитни маски на текстилните работници. До денеска имаме поделено вкупно 23 000 заштитни маски на институции и граѓани. Волонтерите досега имаат извршено услуги на вкупно 258 стари и изнемоштени лица и апелираме тие да продолжат да ги користат нашите услуги и да се заштитат самите себе – рече градоначалникот Благоја Бочварски.

Упати јасна порака до сите граѓани, а посебно до оние кои шират информации дека вирусот не постои и дека е измислица или лага, а всушност се работи за вирус кој се уште е присутен и ќе остане овде и понатаму, а борбата со истиот овој вирус за којшто се уште нема лек или вакцина треба да го водиме сите заедно со целосна вклученост на граѓаните, работниците, сопствениците и институциите.

Задоволни се од дисциплината на сограѓаните и од тоа како се справуваат со Ковид 19, но мало опуштање коешто се чуствуваше во јавноста и непочитување на мерките придонесува да повторно се појават нови случаеви.

– Ќе го победиме вирусот и после олабавување на мерките, но само со крајна внимателност, дисциплина и одговорност – апелира градоначалникот.

Владата ја следи состојбата со новозаразените не само во Штип, туку и на ниво на цела држава. Спасовски истакна дека и денеска во Штип има зголемување на бројот на заразени, а смета дека секој од граѓаните во овие моменти треба да биде одговорен пред себе си.

-Мислам дека таа состојба дека во Штип нема заболени и нема да ни се случи на нас, предизвика многу опуштање во однесувањето, а таквото опуштање резултира со ваквиот начин. Значи и сопствениците на компаниите и вработените во компаниите и секој граѓанин треба да знае дека неможе да биде изолиран или да се однесува ноншалантно, притоа да не го штити своето здравје и здравјето на граѓаните, вели Спасовски.

Забележа дека институциите прават се, носејќи одлуки, спроведуваат мерки, даваат препораки, медиумите тоа го пренесуваат и работат активно за да се сочуваат животите и здравјето на граѓаните.

-Најмалку што можат да прават граѓаните е да ги почитуваат тие мерки, да носат заштитна опрема и да имаме социјална дистанца, вели Спасовски.