Штип арт активистите со нова акција: Чија е топката и кој е крив?

Штип како град беше еден од најпогодените и градови со една од најголемите бројки на заразени од вирусот Ковид-19.

Но, сега по завршувањето на пикот на пандемијата од Ковид-19 и во исчекување на нов бран на заболени, Штип арт активистите спроведоа уште една акција и овој пат главниот акцент го ставаме на одговорноста, односно, неодговорноста и (не)постапувањата на институциите. Истите во изминатиот период си ја префрлаа „топката на одговорност“ и со тоа се отстапи време за конфузија помеѓу граѓаните, но и злоупотреби од поединци од чија неодговорност трпеше целиот град и сите граѓани.

Исто така сакаме граѓаните да го постават прашањето почнувајќи од себе па потоа прашувајќи ги и работодавачите, институциите, локалните власти, превозниците кој е виновникот за драстичното зголемување на заболени во Штип и чија е одговорноста за (не)постапување, додаваат тие.

– Сакаме како активисти да пренесеме дека сите институции имаат одговорност навремено и почитувачки ги законите да реагираат навремено се со цел помал број на заразени со вирусот Ковид-19, преку поставената инсталација на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип каде е поставена „Топката на одговорност“ преку која граѓаните можат и директно да ги посочат институциите кои требаше реагираат навремено, прецизно и согласно нивните надлежности и ингеренции.

Преку втората инсталација во коритото на река Отиња сакаме граѓаните да го постават прашањето почнувајќи од себе па потоа прашувајќи ги и работодавачите, институциите, локалните власти, превозниците кој е виновникот за драстичното зголемување на заболени во Штип. Очекуваме истите тие да почнат да прават поголем притисок да се почитуваат мерките и препораките да се анимираат поголем број на граѓани, институции и работодавачи за подигање на свеста за придржување до мерките и препораките ,построго делување на инспекторатите и институциите се со цел помали штети по животот и здравјето на граѓаните,компаниите и целиот град при идниот бран на Ковид-19 кој се очекува – порачуваат активистите.

Апелираат до сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидеме сите одговорни, солидарни, на висина на задачата и да го заштитиме колективното здравје во нашиот Штип. Апелираат до институциите да не си ја префрлаат одговорноста и да почнат да делуваат согласно законите.