Штетите од мразот и снегот на јаболкниците во Преспа не можат ни да се избројат

Можно е штетите да изнесуваат дури и 80 проценти од родот. Погодени се сите села под Пелистер, Галичица и кон Битолско


Преспанските овоштари ќе причекаат уште некое време за да може да ја оценат големината на штетата

 

БИТОЛА – Фотографиите од овоштарниците во Преспа по пролетниот снег и мразот личат како на сцени од бајки. Но, за жал реалноста  е сурова. 

Тешка е состојбата од штетите предизвикани од пролетните мразеви врз овоштарниците во Преспа по врнежите од снег во неделата. Штетите допрва ќе се утврдуваат, но моментално преспанци излегуваат со штета од пролетните мразеви над 80 проценти. Најпогодени се атарите на селата од Стење, сите села под Галичица до Крушје. Од Златари, Сопотско кон битолско и селата под Пелистер – Подмочани, Раица, Сливница, Крани…

 „Дефинитивно имаме штети, јаболката се во ‘розе пупка’, колкава ќе биде висината на штетата, дали комплетна или делумна допрва ќе кажеме. Факт е дека целото земјоделство, а особено овоштарството е силно погодено од ниските температури“, вели Љубе Пампулески од Здружението на овоштари. 

Преспанските овоштари ланската година собраа род од 70.000 тони јаболко, а годинава очекуваа да остварат околу 150 илјади тони.

„Лично сум исплашен дека ќе има големи штети“, вели градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски и најави увид на терен со министерот за земјоделие Цветан Трипуновски.

Дел од младите овоштари од Преспа не оставиле на случајноста, за справување со пролетните мразови инвестирале во „анти-фрост“ систем  со оросување.

Димитар Лозевски (37) е млад земјоделец од Преспа кој на дел од овоштарниците во село Евла постави инвестиција од „анти-фрост“ систем  и годинава како што вели го искористил системот со цел капацитет за да ги заштити јаболкниците од измрзнување. Има овоштарници на 3 и пол хектари под јаболка од сортите ајдарет, црвен делишес, муцо, златен делишес и чадел. „Анти – фрост“ системот е поставен на површина од 1 хектар на три различни парцели и различни сорти.

Инвестицијата ја поставил пред 5 години, но пред три дена по врнежите од снег и ниските ноќни температури ја стави во функција и вели дека се надева дека ќе помогне да се намалат штетите. Колку спасил од пупките ќе се знае кога ќе се стопи мразот и снегот.

Сликите од овоштарникот на Димитар Лозевски изгледаат идилично, но во реалноста последиците од снегот и мразот ќе бидат големи

„’Анти-фрост’ системот е оросување со посебни прскачи што се ставени на висина над овошните дрвја и распрскува чиста вода. Потребно е да се активира системот кога температурата ќе биде барем еден степен над нулата, а прогнозите ќе даваат сигнали дека ќе следуваат негативни температура. Значи делуваме превентивно. Откако  ќе замрзи снегот не престануваме со распрскување на водата, бидејќи самата вода треба да ги стопи мразот и снегот по природен пат.  Од неделата кога наврна снег без прекин е вклучен системот и се надеваме дека ќе зачуваме добар дел од папката за да имаме плод“, вели Лозевски за „Зелена берза“.

Според него „анти-фрост“ системот не е голема инвестиција, но земјоделците не се запознаени со придобивките од него.

„На овоштарите им треба едукација како да го превенираат измрзнувањето на овошките оти овој систем е единствена надеж да се спаси родот од пролетни мразеви. Во зимските денови нема потреба од негова примена. Повозрасните овоштари имаат скепса кој овој систем, но ситуацијата од овој април би требало да ги разубеди во спротивното, дека системот е инвестиција што се исплаќа“, рече Лозевски кој годишно во просек произведува  150 тони јаболка.

Овоштари од Преспа традиционално за заштита на овошките од пролетниот мраз користат хемиски препарати, но тие чинат многу пари, а нема добар ефект по овоштарниците.