Штајнмаер во дводневна посета на Северна Македонија

Германскиот претседател ќе се обрати во Собранието, а ќе ги посети и ветерниот парк во Богданци и германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци


Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе биде домаќин на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаеркој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Штајнмаер на официјална церемонија ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Германија.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Штајнмаер и Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.

Штајнмаер е предвидено да се обрати и во Парламентот, да се сретне со млади луѓе во Претседателскиот центар за политичко образование, да разговара со филмската екипа на филмот „Медена земја“ и да го посети Ветерниот парк во Богданци, финансиран од ЕУ.

Предвидена е и средба на германскиот претседател со премиерот Димитар Ковачевски попладне во Владата.

Штајнмаер утре во Чифте амам ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја“. Во попладневните часови ќе ги посети Ветерниот парк во Богданци, а потоа германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци.

Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија.

По Северна Македонија, Штајнмаер заминува во посета на соседна Албанија.