Штајнмаер: Преговарајте со акцент на иднината, не барајте пречки во минатото

На прашањето зошто нема средба со македонската  опозиција германскиот претседател рече дека во Парламентот ќе се сретне со пратеници од различни политички партии.


 Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер порача денес на прес конференција со претседателот Стево Пендаровски дека Македонија и во минатото се соочуваше со посебни услови и оптоварувања во пристапниот процес и дека тој и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се бавеше со нив. „Но, рече Штајнмаер, кога зборуваме сега за пристап во ЕУ зборуваме за прашања од сегашноста и заедничката иднина во Европа и советувам акцентот да биде ставен  на идната соработка, а не кон минатото и барањето нови пречки“. 

На прашањето зошто нема средба со македонската  опозиција, Штајнмаер рече дека во Парламентот ќе се сретне со пратеници од различни политички партии. Дали, пак, 2030 година е реална цел за влегување во Унијата, тој  рече дека лично посакува реформскиот  процес во земјата да се движи со брзината што е потребна, а  дали ќе биде 2030 година ,тоа во моментов никој не може да го вети – ни од Македонија, ни од Германија, ни од ЕУ, но тој се надева дека тоа ќе се случи што е можно побрзо.

Штајнмаер исто така изрази признание и почит за улогата на  Македонија како сигурен меѓународен  партнер и почит за напорите што ги презема на патот кон ЕУ.

– Со членството во НАТО и со продолжувањето на пристапниот процес кон ЕУ Македонија донесе клучна одлука за патот по кој ќе се движи, одлука за иднина во мир и во слобода и во рамка која на стопанството  ке му ги понуди најдобрите можности за развој, оцени германскиот претседател.  

Според него Македонија се наоѓа сега пред важната одлука дали ќе го отвори патот за преговарање околу поглавјата. 

-На својот пат кон ЕУ  Северна Македонија се соочи со посебни тешкотии, беше нарушена  довербата на луѓето со договорот од Преспа, но вие покажавте импресивен пример дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики ако постои волја за тоа од двете страни. За вашата прагматична подготвеност за подобрување на добрососедските односи со Бугарија ви благодарам исто така и сум убеден дека на крајот овој став ќе ви се исплати, рече Штајнмаер, нагласувајќи дека досега сме докажале дека сме носечки столб на европската заедница на вредности, а сега треба да го направиме формално и овој важен чекор за остварување на членството.

-Останува важно Северна Македонија да продолжи со внатрешниот реформски процес. Вашата земја може да се потпре на поддршката на Германија  и понатаму. Ние отсекогаш ја подржуваме европерспективата на земјите од Западен Балкан и на Македонија и сакаме да станат членки. Северна Македонија е дел од  европското семејство и убеден сум дека со вашата култура и јазик ќе ја збогатат ЕУ, исто како и надворешно- политички и безбедносно, каде стопроцентно сте приклучни на позициите на ЕУ.  Северна Македонија, како најмлада земја членка на НАТО, исто така е доверлив партнер која дава значаен придонес за колективната одбраната и за операциите на НАТО. Во оваа актуелна тешка политичка  ситуација поради војната во Украина, мора да стоиме едни покрај други. Вашата земја навистина даде значителен придонес за поддршка на Украина, дури и по цена на економски тешкотии, за да остане економскиот притисок врз Русија, порача Штајнмаер. 

Претседателот Пендаровски, пак, околу временската рамка за ЕУ рече дека не би сакал да шпекулира и го цитираше Штајнмаер, кој претходно одговори за оваа тема –  дека е политичар, а не пророк.

-Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на било која држава во историјата на ЕУ. Ние сме најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ. Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина, рече Пендаровски.

Според него, точно е дека анкетите покажуваат пад на поддршката за Унијата, а причината за тоа е на страната на Брисел бидејќи објективно изминатите години не видовме дека процесот се движи напред, односно дека Србија и Црна Гора не напредуваат, БиХ и Косово се комплетно заборавени, а Македонија  беше блокирана од земја членка на ЕУ.

-Ако ЕУ се отвори широко кон целиот регион, тоа ќе се види и во поддршката, додаде  Пендаровски. 

Запрашан за шансите опозицијата да ги поддржи уставните промени претседателот рече дека   ако опозицијата навистина сака евроинтеграција, треба да проработи нејзината свест и да даде поддршка , бидејќи уставните измени се во интерес на државата и на народот, и притоа не е битно кој е на власт.

На почетокот претседателот Пендаровски нагласи дека има голема чест по деценија ипол да имаме  германски претседател во официјална посета на Македонија, додавајќи дека не случајно тој својата прва билатерална посета како претседател – ја посветил на Германија. Според него, ова говори многу за односите на двете држави кои изминатите години достигнаа високо ниво.  Забележа дека посетата се реализира во време кога, по многу одложувања, ги почнавме преговорите со ЕУ и кога довербата во евроинтеграцијата е сериозно разнишана, така што ни треба поддршка за забрзување на тој процес од големите европски демократии и предводниците на идејата за обединета Европа. 

-Ние сме целосно посветени на првите фази од преговорите за членство во ЕУ и ќе продолжиме да работиме со несмален интензитет. Недвосмислената подддршка од Греманија е од огромна поддршка за нас,особено во рамките на Берлинскиот процес,  рече Пендаровски. 

Пред прес конференцијата претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија, партнерството во НАТО Алијансата и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза.

Фото: Борис Грданоски