Штајнмаер: Немирите пред Бундестагот се напад врз срцето на нашата демократија

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ги осуди немирите на екстремната десница и обидот да се пробијат во зградата на Парламентот за време на протестот против мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот.

– Знамињата на германскиот Рајх и немирите на крајната десница пред Бундестагот претставуваат недозволив напад врз срцето на нашата демократија. Ние никогаш нема да го прифатиме тоа, наведе Штајнмаер во соопштение.

Тој и се заблагодари на полицијата за која рече дека  „дејствуваше трезвено во тешка ситуација“.

Според него, секој што сака да се пожали на мерките за борба против ширењето на коронавирусот, може да го стори тоа со демократски средства.

– Моето разбирање за критиката престанува во моментот кога демонстрантите ќе дозволат да бидат злоупотребени во корист на непријателите, порача Штајнмаер.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер исто така го критикуваше однесувањето на демонстрантите.

– Зградата на Рајхстагот е местото каде што работи нашиот Парламент, а со тоа и симболичен центар на нашата слободна демократија. Неприфатливо е оваа зграда да се користи за свои цели од страна на екстремистите и оние чија цел е да предизвикаат хаос, изјави Зехофер за весникот „Билд ам Зонтаг”.

Околу 38.000 луѓе вчера протестираа во Берлин против начинот за борба против епидемијата на коронавирус, вклучително и екстремни десничари, од кои неколку се обидоа да влезат во  Рајхстагот.