Штајнмаер му кажал на Пендаровски дека очекува преговорите со ЕУ да почнат до крајот на годинава

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајмаер му рекол денеска на македонскиот пшеф на државата дека очекува првата меѓувладина конференција со ЕУ да се одржи до крајот на годинава. „Сојузниот претседател Штајнмајер истакна дека после конструктивните разговори меѓу претставниците на владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин во текот на вчерашниот ден, се надева дека во рамките на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава. При тоа, истакна дека билатералните прашања треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности“, се вели во соопштението на Кабинетот на Пендаровски.

Двајцата претседатели констатирале дека прашањата во однос на историјата треба да продолжат да се дискутираат меѓу експертите во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања. При тоа, беше истакнато позитивното искуство на Германија во оваа сфера и била понудена поддршка за работата на комисијата.

Пендаровски упатил благодарност до германскиот претседател за постојаната германска поддршка за нашата европска интеграција и затоа што прашањето за проширување на ЕУ е во приоритетите на германското претседавање. Отпочнувањето на преговорите ќе биде дополнителен мотив за земјава и поттик за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи, особено во сферата на правната држава и социоекономскиот развој.

Пендаровски и Штајнмајер го осудија терористичкиот напад во Виена и оценија дека тој е напад врз заедничките европски вредности во кои веруваме. Исто така, се согласија дека е неопходна засилена соработка на безбедносен план за превенција и пресретнување на терористичките закани.