Штајнмаер 30 години по обединувањето: Денес живееме во најдобрата Германија што некогаш постоела

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека Германија може да се гордее со „слободната и демократска земја“ што стана во 30 години од повторното обединување. Ова е достигнување што дури и пандемија не може да го одземе, рече тој, пренесува Дојче веле.

Германскиот претседател оддаде почит на храброста на демонстрантите кои ја предводеа мирната револуција што го отвори патот за повторно обединување на Источна и Западна Германија пред 30 години.

Во градот Потсдам, околу 25 километри југозападно од Берлин, се одржуваат прослави по повод Денот на обединувањето на Германија. Ваквата важна годишнина обично би била дочекана со ентузијазам, но прославите оваа година се во сенка на пандемијата на коронавирус.

– Гледаме со благодарност на крајот на Студената војна и почетокот на новата ера, рече Штајнмаер во говорот на официјалната церемонија. – Денес живееме во најдобрата Германија што некогаш постоела, потенцираше тој.

На настанот учествуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Германија се обедини на 3 октомври 1990 година, по четири децении од Студена војна. Источна Германија се приклучи на Западната Сојузна Република помалку од една година по падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година.

Иако од тогаш е постигнат голем напредок, економските и другите разлики помеѓу Западот и помалку просперитетниот Исток остануваат.