Шри Ланка призна голем пропуст на разузнавачките служби


Шри Ланка призна „голем пропуст на разузнавачките служби“ пред бомбашките напади на католичкиот Велигден во кои загинаа 359 и беа повредени повеќе од 500 луѓе, јави Слободна Европа.

Властите на островската земја предупредувањата на Индија од почетокот на месецот за потенцијални напади не ги земаа предвид, беше кажано во Парламентот на Шри Ланка.

Претседателот Маитрипала Сирисена планира да го отпушти секретарот за одбрана и генералниот полициски инспектор, јави Би-Би-Си.

Вкупно осум од девет напаѓачи се идентификувани како државјани на Шри Ланка.

Владата истражува дали групата „Исламска држава“ била вклучена во нападите врз цркви и луксузни хотели.

Министерот за одбрана на Шри Ланка Руан Виџевардене вчера потврди дека меѓу деветмината бомбаши самоубијци, имало и една жена, додавајќи дека повеќето напаѓачи биле образовани и финансиски стабилни, а за еден се верува дека студирал во Велика Британија и дипломирал во Австралија.

– Повеќето од нив се добро образовани и потекнуваат можеби од средна или висока средна класа. Значи, тие се финансиски прилично независни и нивните семејства се прилично стабилни финансиски. Веруваме дека еден од бомбашите самоубијци студирал во Велика Британија, а можеби подоцна и дипломирал во Австралија, пред да се врати во Шри Ланка, информира Виџевардене.

Поранешен командант во армијата на Шри Ланка рече дека нападот сигурно бил планиран најмалку седум или осум години.