„Шпигел: Со едрилица од 15 метри бил разнесен гасоводот „Северен тек“


 

Наводните организатори на минирањето на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ можеле да извршат саботажа користејќи ја 15-метарската едрилица „Андромеда“ од моделот „Баварија круцер 50“, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на информирани извори запознаени со истрагата.

„Андромеда“ е закотвена во пристаништето Бреге на островот Риген. Бродот првично бил изнајмен преку чартер фирма од група неидентификувани лица кои можеби користеле фалсификувани документи. Во исто време, на 18-20 јануари, германското државно обвинителство, како дел од истрагата за саботажата на „Северен тек“, изврши претрес на бродот во врска со сомнителен закуп. Детали и резултати од претресот не се објавени бидејќи истрагата не е завршена.

Според весникот „Цајт“, можните организатори на саботажата на 6 септември 2022 година отпловиле со јахтата од Росток во северна Германија кон данскиот остров Кристијансо. Трагите од престојот на јахтата на овој остров во септември 2022 година, кога беа разнесени гасоводи, ги пребарува данската полиција, како и истражителите, пишува Ројтерс, повикувајќи се на чуварот на островот Сорем Тим Андерсен.

Јахтата едрилица „Андромеда“

Островот Кристијансо се наоѓа на 18 километри североисточно од островот Борнхолм во Балтичкото Море и има само 98 жители. Претходно се користеше како поморска база, а сега е под контрола на данското Министерство за одбрана.

„Андромеда“ може да прими до 11 луѓе, но, според „Цајт“, во саботажата учествувале шест лица: пет мажи (капетан, двајца нуркачи, двајца помошници на нуркачи) и една жена лекар. Јахтата била изнајмена од компанија од германската покраина Мекленбург-Западна Померанија за нешто помалку од три илјади евра неделно, прецизира „Шпигел“.

Ваквите јахти не се опремени со систем за автоматска идентификација, изјави специјалистот Оливер Александар.

Фактот дека „проукраинска група“ би можела да стои зад минирањето на гасоводи, го напиша „Њујорк тајмс“ на 7 март, повикувајќи се на американско разузнавање. Саботерите биле државјани на Украина и Русија, тврдат од весникот. Заедничката истрага на германските медиуми „Цајт“, АРД и СВР исто така укажа  на проукраинска група која изнајмила јахта преку полска компанија во сопственост на двајца украински државјани.