Шпигел: Како Борисов му помогна на Ердоган да ги прогонува противниците

Непријатен политички удар за Бојко Борисов

Истрагата на „Шпигел“ покажува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов му помогнал на турскиот режим да ги прогонува членовите на опозицијата. Премиерот на Бугарија ги прекрши меѓународните конвенции, пишуваат авторите на статијата Димитар Ганев и Максимилијан Поп, пренесува БГНЕС.

Авторите коментираат дека Реџеп Тајип Ердоган ја обвини германската влада за помагање на тероризам и ја квалификуваше Франција како провокатор. Со недели тој се закануваше со поморска војна против Грција во борбата за наоѓалиштата со гас.

„Досега, една земја од ЕУ беше поштедена од тирадите на шефот на турската држава: Бугарија. Ердоган и бугарскиот премиер Бојко Борисов имаат посебно машко пријателство“.

Кога турската влада испрати бегалци во Грција во март, границата со Бугарија остана затворена. На почетокот на кризата со коронавирусот, Турција достави маски и тест комплети до Софија. Но, пријателството на Ердоган очигледно има своја цена, пишува германскиот весник.

Истрагите на „Шпигел“ покажуваат дека бугарската влада помогнала во прогон на неколку турски противници на режимот – и со тоа ги прекршила меѓународните конвенции и правните принципи.

Тајната преписка од турската амбасада во Софија, до која „Шпигел“ обезбеди пристап, сугерира дека премиерот Борисов, поранешниот бугарски јавен обвинител Сотир Цацаров и бугарските разузнавачки служби биле активно вклучени во депортацијата на турски опозициски член по обидот за воен удар во Турција во јули 2016 година – иако бугарските судови претходно експлицитно протестираа против барањето за екстрадиција.

Весникот објави детали за депортацијата на Абдула Бујук, кого Анкара го обвинува за поврзаност со организацијата на противникот на Ердоган, Фетулах Ѓулен. Бујук беше предаден на Анкара без многу врева во август 2016 година – без судење, без да му се даде можност да се консултира со адвокат или да се жали на одлуката на Софија. Вреди да се напомене и дека тогашната потпретседателка Маргарита Попова одби азил на еден Турчин.

„Шпигел“ појаснува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефот на тајните служби се состанале со турскиот амбасадор во Софија за да разговараат за случајот Бујук.

Малку подоцна, имало средба меѓу турскиот амбасадор и тогашниот главен обвинител Сотир Цацаров. Тексот на Шпигел  укажува дека Цацаров му дал на претставникот на Анкара информации за Бујук.

„Шпигел“ заклучува дека Борисов, Цацаров и шефот на бугарските тајни служби му помогнале на Ердоган да ги прогонува политичките противници. Ова ги крши меѓународните конвенции во повеќето европски земји, констатира германскиот весник.