Шпанскиот крал: Суверенитетот и територијалниот интегритет на Шпанија над Сеута се неспорни
Сеута – Суверенитетот и територијалниот интегритет на Шпанија над Сеута, ексклавата на северот на Африка, се неспорни и не се предмет на преговори, изјави синоќа шпанскиот крал Фелипе Шести, додавајќи дека масовниот прилив на мигранти од Мароко оставил оставил големи општествени, политички, економски и психолошки последици врз градот и Шпанија во целина.
„Сеута е Шпанија, а Сеута е и Европа. Нејзината граница, како и границата на Мелиља, воедно е и граница на Европската Унија. Секоја закана за таа граница претставува закана за целата Европска Унија“, истакна Фелипе Шести за време на посетата на Сеута.
Шпанскиот крал, пишува весникот „Паис“, нагласил дека нарушувањето на шпанската граница, кога голем број луѓе преминале од Мароко, претставувало шок за сите, особено за жителите на Сеута, и дека последиците и натаму силно влијаат врз нивните животи.
„Суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја не се предмет на преговори, тие се неспорни. Во случај на каква било закана, наша обврска е да ги браниме и зачуваме“, порача шпанскиот крал.
Тој истакна дека Шпанија и Европската Унија имаат волја и одговорност да одржуваат добрососедски односи со Мароко, во интерес на напредокот и развојот од двете страни на границата.
„Тие односи секогаш мора да се засноваат на меѓусебна доверба и почит, со цел унапредување на регионалната стабилност, мирот и безбедноста“, нагласи Фелипе Шести, додавајќи дека за тоа е потребна добра волја од двете страни и дека Шпанија е подготвена да направи сè што е во нејзина моќ за да се зачуваат таквите односи.
Според податоците на шпанските власти, околу 80 илјади луѓе влегле од Мароко во Сеута на 30 и 31 јули, од кои повеќето потоа се вратиле во Мароко.