Шпански медиуми: Надал нема да игра ни на Ролан Гарос
Шпанските медиуми пренесуваат дека Рафаел Надал нема да се бори за 15. титула на Ролан Гарос. Трофејниот тенисер има големи проблеми со повредите и нема да игра на вториот грен слем во сезоната кој започнува на 28 мај, објавија шпанските медиуми.
ПР тимот на Рафаел Надал соопшти дека за четврток во 16 часот закажал прес-конференција на која ќе се разговара за тоа дали трофејниот тенисер ќе настапи во Париз, како и причините за одлуката кои ќе бидат соопштени.
Оваа информација ексклузивно ја пренесе доверливиот новинар Наќо Енкабо. Во Мајорка утре треба да се одржи прес-конференција.
Откако ја освои својата прва титула во Париз во 2005 година, Надал никогаш не се повлече од Ролан Гарос пред турнирот, иако во 2016 година тоа го направи пред натпреварот од третото коло.
Надал 14 пати го освојуваше Ролан Гарос, а сега нема играно од јануари и второто коло на Австралија опен. Тој тогаш го повреди колкот во дуелот со Мекензи Мекдоналд. Првичната прогноза беше пауза помеѓу четири и шест недели, но имаше компликации кои му го нанесоа овој голем удари нему лично и на Ролан Гарос и на светскиот тенис.
Рафа во јуни полни 37 години и сѐ уште не е познато кога ќе се врати на терените.