Шпанската влада ја спречи продажбата на фабриката за возови на сојузник на Орбан


 

Шпанската влада денеска објави дека поради „стратешки интереси“ не ја дозволува продажбата на главниот производител на возови „Талго“ на унгарската компанија „Ганз-Маваг“ во сопственост на близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, јавија шпанските медиуми.

Владата на премиерот Педро Санчез уште од март кога дојде понудата на унгарската компанија никогаш не ги криеше сомневањата за ваквата зделка. Понудата доаѓаше и од унгарската држава преку нејзиниот инвестициски фонд Корвинус.

Загриженоста во овој случај се должи и на неодамнешните врски на конзорциумот „Ганц Маваг“ со Русија на Владимир Путин.

Извршната власт нагласи дека операцијата, официјално претставена во март оваа година, но во разговорите од ноември минатата година, била анализирана „со сета строгост“ од Бордот за странски инвестиции тело зависно од Министерството за економија. Експертите нагласуваат дека, доколку биде успешно, купувањето на шпанскиот производител „ќе повлече ризици за гарантирање на националната безбедност и јавниот ред“. Владата ја искористи можноста повторно да нагласи дека „’Талго’ е стратешка компанија во клучен сектор за економска безбедност, територијална кохезија и индустриски развој“, се вели во официјалното соопштение.

Понудата за купувањето на „Талго“ беше 620 милиони евра.

Според новински извори, владата е загрижена за политичкото здружување меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и Русија. Со оглед на тоа што „Талго“ има пристап до доверливите податоци во врска со железничкиот систем на Шпанија, што пак влијае на националната безбедност, властите покажуваат претпазливост.

И покрај тоа што има заостанати нарачки во вредност од над 4 милијарди евра, „Талго“ се бори со ограничувањата на капацитетот. Минатата година, германскиот железнички сервис Дојче бан му ја додели на „Талго“ најголемата нарачка досега: шпанската компанија ќе испорача дополнителни 56 возови  за долги патувања, во вредност од 1,4 милијарди евра.