Шпанската ратификација за НАТО како шпанска серија


Очекуваната ратификација на Протоколот за прием на Македонија во НАТО, што требаше да помине оваа недела во шпанскиот Сенат,  е одложена поради корона вирусот. Од вчера со одлуката на владата во Мадрид е прекината работата на Парламентот за една недела, но мал е оптимизмот дека вонредната мерка ќе трае само толку и дека од понеделник сенатот ќе почне со работа.

Според плановите во НАТО, ратификацијата на нашиот прием требаше да помине до 17 март, т.е. идната недела, на 23 март во Вашингтон ние да ја предадеме нашата ратификација на одлуката за приклучување во НАТО, а на 25 март формално да се подигне нашето знаме  во Алијансата во Брисел. Во НАТО се надеваа дека на прославата на 72-годишнината на НАТО на 4 април Македонија ќе биде официјализирана како членка.

Од вчера владата во Мадрид презеде поригорозни мерки за да го избегне „италијанското сценарио“, бидејќи бројката на заразени стигна речиси до 800 лица. На две недели се затворени сите училишта, градинки, забранети се сите масовни јавни собири, а мерката за Сенатот ќе се преиспитува идната недела.

Иако ратификацијата на нашиот прием оди доста брзо, откако на 6 февруари 2019 година  беше потпишан Протоколот, Шпанија доста заостана зад другите земји поради внатрешните политички причини, а сега и корона вирусот. Дополнителен проблем е што и во НАТО се редуцираат активностите, па работата е сведена на основен минимум, откако таму е откриено исто така заразено лице од корона вирусот.

Вирусот се заканува и на нашиот датум за преговори со ЕУ, бидејќи и во Брисел почнаа да се редуцираат активностите, иако засега на најниско ниво. Исто така, само на еден ден беше скратена последната сесијата на Европскиот парламент кој место во Стразбур заседаваше во Брисел. Од вчера пак е регистриран прв смртен случај во европската престолнина, а ЕУ итниот состанок за епидемијата го одржа со видео конференција. (С.Ј.)