Шпанската полиција води истрага против фудбалерот Енис Барди за фалсификувана возачка дозвола
Ѕвездата на македонската фудбалска репрезентација била запрена при рутинска контрола во Валенсија додека го возел неговото „порше панамера“. Полицијата тврди дека неговата возачка дозвола била фалсификувана
Локалната полиција во шпанскиот град Валенсија отвори постапка за кривично дело фалсификување на документи против Енис Барди, една од ѕвездите на македонската фудбалска репрезентација. Македонскиот фудбалер кој игра за тимот на Леванте од Валенсија, возел автомобил со наводно фалисфикувана возачка дозвола.
Барди (25), како што јавуваат медиумите од Валенсија, бил запрен во рутинска проверка во вторникот околу пладне кога го возел своето скапо „порше панамера“. Откако ја побарал документацијата за автомобилот и возачката дозвола, еден од локалните полицајци увидел дека вториот документ не е во согласност со безбедносните прописи. Весникот „Ла провинсиас“ пишува дека полицискиот службеник со голо око открил дека возачката дозвола била отпечатена на формат од пластична картичка. А потоа по разгледувањето на документот под ултравиолетово светло открил дека недостасуваат други безбедносни ознаки.
Локалните полициски службеници го информирале македонскиот фудбалер за криминалните последици од возење возило со лажна дозвола. Полициските извори велат дека Барди е обвинет за кривично дело против безбедноста на патиштата и за фалсификување на документи. Полицијата ќе ги испрати документите до судот оваа недела. Се наведува дека Барди целосно соработувал со агентите и бил смирен.
Барди изјави дека неговиот документ „е потврден од соодветните институции“ на Македонија, но експертите на локалната полиција на Валенсија откако внимателно ја анализирале картичката ги потврдиле првичните сомневања за фалсификат и го финализираат извештајот што ќе го испратат до судот.

Додека полицијата продолжува со истрагите за наводниот фалсификат, фудбалерот на Леванте тврди дека картичката што им ја покажал на агентите „е потврдена од соодветните институции“ во неговата земја. На една социјална мрежа тој тврди дека вчера утро ѝ ја предал на локалната полиција „потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“ со која се потврдува дека неговата возачка дозвола е валидизирана од неговата земја.
„Мојата намера е со оваа документација дадена денес (вчера) да се расчисти ситуацијата на конфузија“, се вели во изјавата на македонскиот фудбалер.
Енис Барди е еден од столбовите на македонската фудбалска репрезентација. Тој одигра извонредно во историската победа на Македонија над Германија од 2:1 во Дуизбург. Во Валенсија пристигна во 2017 година и веќе четири години игра за прволигашот Леванте со голем успех. (Н.В.)