Шпанија воведува карантин за сите што ќе ја посетат по 15 мај


Шпанија ќе бара од сите кои по 15 мај доаѓаат од странство да бидат ставени во карантин 14 дена.
Шпанското Министерство за здравство соопшти дека мерката, објавена денеска во службен весник на Шпанија, има за цел „да ги ограничи ризиците кои произлегуваат од меѓународниот промет на луѓе“ за време на пандемијата.
Туристичките агенции и транспортните компании мора да ги известат своите клиенти за новите регулативи пред да им ги продадат билетите за Шпанија, а авиокомпаниите мора да се погрижат патниците да имаат „картичка за локација“ во случај да треба да бидат контактирани по патувањето.
Шпанија почнува да ги олеснува мерките по седум недели строги ограничувања на движењето.
Во таа земја, повеќе од 26.700 луѓе починаа како последица на Ковид-19, а над 268.000 луѓе се заразиле.