Шпанија се пече на +30: Дали ви се верува дека овие фотографии се направени денеска?

Додека поголемиот дел од Европа се подготвува за зима, Шпанците можат само да сонуваат за бел Божиќ. Летото со четири топлотни бранови кои однесоа човечки животи се чини дека никогаш не заврши во оваа земја. Дури и во средината на декември, регионите по должина на брегот на Медитеранот бележат температури близу 30 степени


Топла воздушна маса го зафати Пиринејскиот Полуостров во саботата, како дел од глобалниот модел на пораст на температурите што научниците широко го припишуваат на човековата активност, пишува Ројтерс.

„Ова е една од најтоплите воздушни маси некогаш регистрирани во Шпанија во декември“, рече Рубен дел Кампо, портпарол на националната метеоролошка агенција АЕМЕТ.

Дел Кампо првенствено мисли на градовите на сончевиот брег на Медитеранот, како што е Валенсија, каде што се забележани температури од најмалку 27 степени, два степени повисоки од претходниот рекорд за последниот месец од годината.

На аеродромот во Малага, каде што се направени овие фотографии, денеска е срушен историскиот температурен рекорд за речиси пет степени, кога се измерени 29,4 степени. Метеоролошката станица на тој аеродром измерила рекордни 24,6 на истиот датум пред 25 години.

Метеорологот Хозе Луис Ескудеро вели дека провинцијата Малага е сè поблиску до запишувањето на најтоплата година од 1961 година.

„Како да сме на почетокот на јуни или средината на септември“, рече тој.

Дел Кампо, пак, предупредува дека необичната жештина, заедно со предвидувањата за ретки врнежи до крајот на февруари, најавува „не многу добра“ сезона за зимски спортови кои зависат од снег. А топењето на снегот на високите пиринески врвови е исто така клучен извор на вода за пролет и лето.

Исклучителните горештини треба да завршат по среда кога AEMET прогнозира дека постудениот воздух ќе ги доведе температурите до понормални нивоа за декември, но во популарниот ски-центар Навацерада во близина на Мадрид, посетителите се жалеа поради недостатокот на снег.

Висенте Солсона, 66-годишен пензиониран универзитетски професор од источната провинција Кастелон, рече дека Навацерада треба да има најмалку еден метар снег овој период од годината.

„Ние уништуваме сè. Проблемот е што нема враќање назад“, рече тој.