Шпанија потрошила 258 милиони евра за нови возови кои не можат да поминат низ тунели


 

Шпанија потроши 258 милиони евра на нови модерни возови, за да сфати дека возовите се преголеми за нивните тунели, односно не можат да поминат низ многу тунели низ земјата, пишува Еуроњус.

Аферата минатиот месец ја обелодени локалниот медиум Ел Комерсио, а потоа следуваа оставки на одговорните.

Во 2020 година, Шпанија нарача 31 патнички воз да ги заменат старите, дотраени возови во северните провинции Астурија и Кантабрија. Првично беше планирано новите возови да започнат со работа во 2024 година, но сега е јасно дека се ќе биде продолжено, барем до 2026 година, пренесува Индекс.

Исто така, се покаѓало дека производителот, баскиски ЦАФ, ја означил грешката уште во март 2021 година.

Претседателот Мигел Анхел Ревиља го нарече ова „неопислива грешка“, додавајќи дека мора да има одговорност, според шпанскиот регионален весник „Ел Диарио Монтанес“.

Кој е виновен?

Различни страни имаа улога во дебаклот, вклучително и шпанскиот национален железнички оператор „Ренфе“, менаџерот на железничката инфраструктура „Адиф“, транспортниот производител ЦАФ и Националната агенција за безбедност на железницата (AESF).

Досега, двајца високи функционери се разрешени – менаџерот на возниот парк на „Ренфе“ и шефот за инспекција и технологија на патеката на „Адиф“. Шпанската министерка за транспорт Ракел Санчез вели дека неодамна станала свесна за проблемот. Таа започна внатрешен преглед за тоа кој знаел за проблемот и зошто проблемите не биле решени порано.

Што сега?
Среќа во несреќа за Шпанците е што возовите се уште беа во фаза на дизајнирање и се уште не беа произведени. Тоа значи дека се избегнува најлошото, но ќе треба да се повтори целиот процес, што ќе одземе многу време и пари.

За почеток, новите возови ќе бидат со исти димензии како и постоечките возови, за да се осигура дека ќе можат да минуваат низ тунелите.