Во Шпанија оваа недела температури од 40 степени


Првиот топлотен бран годинава ќе пристигне еден месец порано од лани, па така Шпанија очекува температури и до 40 степени Целзиусови.

Пролетта во Шпанија оваа недела ќе наликува на средината на летото, бидејќи во некои региони температурата ќе биде над 30 степени, а во некои и 40 степени, објави „Блумберг“.

Екстремно топол воздух, кој се движи од Африка кон север, ќе доведе до пораст на температурата на Пиринејскиот Полуостров на 25 и 26 април, а максимумот ќе го достигне на 27 и 28 април, објави во неделата шпанската метеоролошка агенција.

Агенцијата соопшти дека високите температури, заедно со ниската влажност и ветровите со брзина од над 30 километри на час ќе стават голем дел од земјата во висок ризик од пожар.

Западна Европа имаше невообичаено топла и сува зима и овие услови веројатно ќе продолжат во пролетните и летните месеци, според два одделни извештаи од Европската агенција за набљудување на Земјата.

Европа минатата година го имаше најсувото лето во последните 500 години, додека другите области на северната хемисфера, од САД до Кина, исто така, доживеаја силна суша. Шпанија го имаше вториот најтопол и најсув март во историјата, според американскиот национален центар за информации за животната средина.

Глобалната просечна температура беше исто така втора највисока за март од почетокот на евиденцијата во 1850 година. Делови од Шпанија веќе ја ограничуваат употребата на вода за земјоделството и индустрискиот сектор, како и за наводнување јавни градини или полнење на базени.

Во Индија, источните региони на земјата минатата недела забележаа температури од 40 до 44 Целзиусови степени.