Шпанија надмина 800.000 заразени од Ковид-19

Шпанија – Шпанија стана првата западноевропска земја што надмина вкупно 800.000 случаи на инфицирани со новиот коронавирус.

Во државата беа регистрирани 23.480 нови инфекции за време на викендот, според податоците на Министерството за здравство објавени денеска.

Вкупниот број достигна 813.412, додека бројот на смртни случаи е 32.225. Дневните смртни случаи сега се на највисоко ниво од почетокот на мај, но далеку под рекордот од крајот на март од близу 900.

Шпанската Влада нареди овој месец блокада во главниот град Мадрид и околните области сериозно погодени од коронавирусот по зголемувањето на случаите.

Светската здравствена организација кон крајот на септември соопшти дека европските земји бележат „алармантно зголемување на бројот на заразени со Ковид-19“.