Шпанија: Молитвите само пет минути, ковчезите само пристигнуваат


Во епицентарот на епидемијата од корона вирусот во Шпанија се одржуваат погреби кои траат многу кусо.
На секои 15 минути пред крематориумот на гробиштата во Мадрид поминуваат ковчези, пренесе Си-ен-ен.
Свештеникот Едуар, облечен за миса, излегува од зградата да ги дочека членовите на семејствата кои дошле да оддадат последна чест според националните правила, секоја група е ограничена на пет или помалку луѓе.
Возачот го отвора задниот дел од возилото и открива едноставен дрвен ковчег.
Стоејќи зад него, членовите на семејството држат дистанца, некои носат маски, па и ракавици.
Прегратки и бакнежи нема.
Од почеток до крај, молитвите траат пет минути.
Отец Едуар  го осветува запечатениот ковчег со света вода пред двајца членови на семејството да го внесат внатре  и се е готово.
Нема говори, нема посети, нема јавно погребување, едвај да има време да се простат.
Штом се заврши со еден ковчег, пристигнува друг.
Кратките церемонии станаа постојани, како и чадот што се издигнува од крематориумот.