Шпанија ќе воведе дигитален данок, очекува 1 милијарда евра приходи


Шпанија има намера да воведе нов данок што ќе го плаќаат претежно големите дигитални компании како „Гугл“, „Амазон“ и „Фејсбук“, изјави министерката за финансии Марија Хесус Монтеро. Левичарската влада ги усогласи ставовите за воведување данокот, кој според министерката ќе генерира приход од околу една милијарда евра годишно, пишува „Сеебиз“.

Даночната стапка ќе изнесува три проценти и ќе го плаќаат дигиталните компании кои на  глобално ниво генерираат годишни приходи од над 750 милиони евра, односно 3 милиони евра или повеќе во Шпанија.

На седницата во вторникот, владата исто така донесе одлука да воведе данок на финансиски трансакции, кој се очекува да донесе приходи во државниот буџет од 850 милиони евра годишно.

Парламентот се очекува да ги усвои предлог-законите во наредните недели, а законот се очекува да стапи во сила најдоцна во вториот квартал годинава.

На Шпанија итно и се потребни дополнителни 1,8 милијарди евра, кои се веќе предвидени во буџетот за оваа година.

Европската комисија веќе го предупреди Мадрид да не ги зголемува расходите за социјална помош ако нејзините приходи во буџетот не го дозволуваат тоа, потсетува ДПА.