Шпанија и Португалија сакаат организација на СП2030 заедно со Украина


Шпанија и Португалија, кои заеднички сакаат да бидат домаќини на фудбалскиот Мундијал 2030, ја приклучија кон својата кандидатура и со војна погодената Украина, објави денеска првиот човек на португалскиот фудбал Фернандо Гомеш.

– Нашата кандидатура има сè што е потребно: инфраструктура, искуство и одличен човечки капитал. Од таа гледна точка, нудиме најдобра кандидатура. Сега имаме дополнителна работа поврзана со вклучувањето на Украина во нашата кандидатура, но темелите се добро поставени, така што нашиот предлог е одличен, изјави Гомеш за весникот „Марка“.

Гомеш ги отфрли наводите на критичарите, кои сметаат дека Шпанија и Португалија настојуваат да ја приклучат Украина со цел нивната кандидатура да добие емотивна димензија и со тоа да стекне предност во однос на другите кандидати кои сакаат да бидат домаќини на Светското фудбалско првенство во 2030 година.

-Ви тврдам дека немаше таква калкулација кога ја донесовме одлуката. Нашата желба е да ја интегрираме Украина во една поширока европска кандидатура, рече претседателот на Фудбалската федерација на Португалија во разговор за „Марка“.