Шпанија и Франција во битка за финалето на ЕП


Минхен – Фудбалските репрезентации на Шпанија и Франција вечерва од 21 часот во Минхен ќе играат во полуфиналето на Европското првенство.

Фудбалерите на Шпанија групната фаза на ЕП ја завршија на првото место на табелата со три победи. „Црвената фурија“ во групата Б ги совлада Хрватска (3:0), Италија (1:0) и Албанија (1:0). Потоа во осминафиналето Шпанија убедливо ја совлада Грузија со резултат 4:1, а потоа во четвртфиналето по продолженијата беше подобра од Германија – 2:1.

„Играме против силна селекција како Франција, но за мене тимот што го водам е најдобар во светот. Нашиот ривал има исклучителен потенцијал, но сакаме да ја играме нашата игра. Ги знаеме квалитетите на Франција, тие ги знаат нашите. Сакаме контрола, а Французите со брзина и играње без топка му штетат на противникот“, изјави селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.

Шпанија на дуелот со Франција ќе настапи без суспендираните Дани Карвахал и Робин ле Норманд, додека Педри поради повреда на коленото го заврши учеството на Европското првенство.

Шпанските фудбалери три пати беа европски шампиони – во 1964, 2008 и 2012 година.

Репрезентацијата на Франција го освои второто место во групата Д на Европското првенство со пет бода. „Триколорите“ најпрвин ја совладаа Австрија со 1:0, а потоа забележаа и две ремија, против Холандија (0:0) и Полска (1:1). Во осминафиналето на ЕП Франција ја совлада Белгија со резултат 1:0, а во четвртфиналето по подоброто изведување пенали беше подобра од Португалија – 5:3.

„Пред нас е голем предизвик и дуел со врвен тим. Шпанија има фантастичен среден ред, со Родри во чии раце клучевите од играта се во негови раце – тој има моќ да ја контролира играта токму онака како што сака Несомнено е дека Шпанија покажа најмногу до сега, тие беа импресивни, но сега треба да го повтори сето тоа доколку сака да не елиминира“, изјави селекторот на Франција, Дидие Дешам.

Француските фудбалери беа европски шампиони во 1984 и 2000 година.

Фудбалските селекции на Шпанија и Франција имаат одиграно 36 дуели во историјата. Шпанија оствари 16 победи, а Франција триумфираше на 13 натпревари. Во седум дуели немаше победници.

Словенечкиот судија Славко Винчиќ ќе биде главен судија на натпреварот меѓу Шпанија и Франција. Негови помошници ќе бидат Словенците Томаж Кланчник и Андраж Ковачич, додека УЕФА за четврти судија го назначи Словакот Иван Кружљак. Во ВАР собата ќе бидат Словенецот Нејц Кајтазовиќ и Италијанците Паоло Валери и Масимилијано Ирати.

Во второто полуфинале на Европското првенство утре од 21 часот во Дортмунд играат Холандија и Англија.