Шпанците се исплашија дека Хрватска и Грција ќе им ги украдат туристите

Во пресрет на сезоната тие велат дека сликите што одеа од Шпанија во Европа биле погубни за туризмот

 

Претставникот на градските власти во Барселона задолжен за туризам, Микел Пуиг смета дека корона вирусот и наштетил на Шпанија како туристички бренд, така што странските туристи оваа година ќе одат во Грција, Хрватска и во Северна Африка.

Туристите кои имаат свои куќи на Балеарските острови и на Каталонскиот брег ќе дојдат овде. Но, туристите кои не поседуваат куќи, годинава ќе претпочитаат да одат во Грција, Хрватска или во Северна Африка затоа што шпанскиот бренд во моментов е многу оштетен. Тоа ќе трае оваа година и нема добро решение“, рече економистот Пуиг во интервју за шпанскиот онлајн весник „Ел Диарио“, пренесува јутарњи.хр.

Шпанија е меѓу најпогодените земји од корона вирусот, каде што се заразиле 235.400 луѓе, од кои 150.376 се опоравиле, а 26.834 умреле. Каталонија со својот главен град Барселона е особено во опасност.

За жал, сликите што одеа од тука во Европа се погубни. Сликите на лекарите кои се штитат себеси со вреќи ѓубре додека ги лекуваат болните од корона вирусот, создадоа исклучително негативна перцепција за шпанскиот здравствен систем. Ќе биде тешко да ги убедите Европејците да дојдат. Барселона, на пример, има добар имиџ, но сега на неа влијае оштетениот бренд на Шпанија“, вели Пуиг.

Влезете во кожата на 65-годишен господин од Германија или од Шведска кој мисли дека ситуацијата на југот е сомнителна. Ќе му биде потребно долго време да ја извади таа слика од главата. Една слика вреди повеќе од илјада зборови “, додаде тој.

Тој верува дека за да се спаси туризмот на краток рок, потребно е да се убедат странските туристи дека Шпанија е безбедна здравствена дестинација.

Во Барселона, но и во цела Шпанија уште од 14 март беа забранети патувањата надвор од провинциите, а хотелите и туристичките агенции се затворени. Поради ограничувањето за жителите и строгите мерки за карантин, инфекцијата е задушена, а бројот на починаати е под 100 во изминатата недела. Шпанската влада бавно ги олеснува мерките и порача дека на странските туристи ќе им биде дозволено да доаѓаат од јули.

Туризмот е најпогодениот сектор. Тој е целосно парализиран. Нема повеќе туристи и нема да ги има до новото известување. Во другите сектори, како што е индустријата, ситуацијата со корона вирусот се толерира. Одите во фабриката и гледате многу машини и малку работници. Разделени се. Оние што работеа во канцеларии ја решија ситуацијата работејќи од дома. Значи туризмот е најпогодениот“, рече Пуиг.

Туризмот учествува со 12 отстто од БДП на Шпанија.

Но, тој сега не зависи од економистите, претприемачите или политичарите, туку од лекарите“, предупредува Пуиг.

Шпанскиот туризам се заснова на моделот „риба во конзерва“. Крузерот е риба во конзерва“. Исто така и шеталиштето Ла Рамбла во Барселона, како и плажите. Туризмот се темели на носење огромен број луѓе на мал простор. Среќни сте кога гледате туристи од Германија, Франција, Италија, Русија … Но, од епидемиолошка гледна точка, тоа е најлошата работа “, додаде тој.

Минатата година Шпанија беше посетена од 83,7 милиони туристи, што беше рекордна година, па многу градови како Барселона беа закочени. Дел од локалното население, особено во центарот, се пожалија на пад на квалитетот на животот, меѓу другото поради бучавата во текот на ноќта и поради алкохолизираните гости. Властите на Барселона немаат проценка за пристигнувањето на туристите ова лето, но очекуваат драстичен пад на посетителите.

Туризмот е благослов. Тој ја спаси половина Шпанија од сиромаштија, почнувајќи од Балеарските острови. Затоа не треба да се демонизира. Друго е што ние лошо управуваме со него. Неопходно е да се зголемат даноците и платите на вработените во туризмот. Да се нудат подобри производи и да се наплаќаат повисоки цени”, вели Пуиг.