Шпанците ги преплавија улиците и плажите


Илјадници Шпанци денес излегоа надвор да шетаат, џогираат или да возат велосипед, откако им беше дозволено вежбање на отворено за прв пат по 48 дена. Од 14 март на граѓаните им беше дозволено да ги напуштат своите куќи само да одат на работа, супермаркети и аптеки или да го прошетаат кучето.

Весникот „Ел паис“ објави фотографии на луѓето како шетаат по плажите на Сан Себастијан, Баскија, возејќи велосипед низ ридовите на Барселона или се шетаат низ андалузискиот град Гранада.

Надворешните активности сè уште се ограничени преку слотови: луѓето на возраст од 14 до 70 години може да излегуваат помеѓу 6-10 часот наутро и од 20 до 23 часот навечер. Луѓето над 70 години можат да излезат од 10 часот до 12 часот и 19 до 20 часот, додека на децата им е дозволено да играат надвор од 12 до 19 часот.