Шоле побара од Вучиќ да запре активноста на „Вагнер“ во Србија
Високиот американски претставник Дерек Шоле во четвртокот изрази силна загриженост за активностите на руската платеничка група „Вагнер“ и нејзините наводни обиди да регрутира војници во Србија и на други места во светот.
Советникот на американскиот Стејт департмент Шоле рече дека ја изразил оваа загриженост за време на разговорите во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Видовме дека групата ‘Вагнер’ бара да регрутира војници од Србија и од други места и тоа е нешто што мислиме дека не може да опстои“, им рече тој на новинарите по средбата.
„Не знам дали има загриженост (во Србија), разговаравме за нашите грижи и со нетрпение очекуваме да работиме со владата овде во Белград и на други места каде што ‘Вагнер’ е активна за да стави крај на нивните активности“, додаде тој. .
Групацијата „Вагнер“, во сопственост на рускиот олигарх Евгениј Пригожин, наводно е активна во десетици претежно африкански држави, работејќи со владите на проруска пропаганда и други воени и политички проекти.
Групата се пофали со своето присуство во Србија, единствената европска држава покрај Белорусија која не се приклучи на меѓународните санкции против Русија за нејзината војна против Украина. Групата, наводно, најави отворање на своите канцеларии во Белград, нешто што подоцна беше демантирано.
Московскиот пропаганден портал РТ, кој неодамна ја отвори својата интернет страница за вести на српски јазик во Србија, ја објави огласот за регрутирање на Вагнер кој бара борци во Украина, велејќи дека групата нуди „повеќе од атрактивни“ стимулации.
Шоле, исто така, ја повика Србија да воведе санкции против нејзиниот традиционален сојузник Русија.
„Ние веруваме дека земјите треба да застанат зад санкциите, а причината зошто веруваме дека тоа треба да биде така е затоа што постапките на Русија не само што треба да се осудат, туку и да бидат казнети“, рече тој. „Русија секој ден води брутална, неоправдана војна против Украина. Треба да застанеме заедно, да се осигураме дека ова однесување, јасно е дека ова однесување е неприфатливо“. (АП)